Тесен тунел за бегство од времето на Студената војна ископан под Берлинскиот ѕид неодамна е откриен за време на градежни работи во германскиот главен град.
Тунелот, кој е само 50 сантиметри широк и 70 сантиметри висок, е откриен под улица во центарот на Берлин, која некогаш била утврдена граница меѓу комунистичка Источна Германија и енклавата контролирана од западните сојузници.
Тунелот бил откриен на почетокот на месецов за време на изградбата на нова станбена зона, информира локалниот берлински весник BZ.
– За постоењето на тунелот веќе се знаеше, но геофизичките студии покажуваа дека тој е подлабоко под земја, изјави за весникот официјален претставник од канцеларијата за заштита на историјата во Берлин.
Источногерманскиот режим го изгради Берлинскиот ѕид за да ги спречи граѓаните да бегаат во капиталистичка Западна Германија. Поради тоа, многу луѓе се обидувале да дојдат на запад преку подземни патишта.
Според Меморијалот на Берлинскиот ѕид, имало најмалку 12 други тунели за бегство ископани долж делот на улицата Бернауер каде што бил откриен последниот тунел.
Портпаролот на градежната компанија во саботата вечерта изјави дека тие не сакаат да го уништат тунелот или да го полнат со бетон и оти ќе преземат чекори да го зачуваат за истражувачки цели.
МИА
фото-фб