Утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека водостојот на реката Вардар во 07:30 часот највисоко е во Демир Капија и изнесува 308 сантиметри. Високо ниво, утринава Вардар има и кај Јегуновце и тоа изнесува 216 сантиметри како и во Велес каде водостојот е 200 сантиметри. Според информациите од УХМР просечното ниво на Вардар за јуни во овие делови е од 123 сантиметри во Демир Капија до 74 во Јегуновце.
Според УХМР, нивото на водата расте и на Пчиња, Црна Река, Струмица и на други водотеци, а во текот на денешниот и утрешниот ден има тенденција и за зголемување на водостојот.
Од ЦУК информираат дека нивото на Вардар кај с. Раотинце е високо и не е променето од синоќа.
фото-ЦУК
Од регионалниот ЦУК од Прилеп велат дека има оштетување на коритото на „Дабнички канал“ на улицата „Кеј 19 –ти Септември“ наспроти објект – зграда 3 и е направена дупка што е проширена до работ со асфалтот од улицата. По утврдувањето дека тоа претставува опасност за непретпазливи минувачи и евентуално пропаѓање на асфалтот при минување на потешки возила, од ЦУК Прилеп велат дека го известиле ЈП „Водовод и канализации – Прилеп“ и од нив е побарано веднаш да се изврши обележување на местото за да се предупредат минувачите, а и возачите, да не поминуваат покрај самиот раб на коловозот.
фото-ЦУК
Поради слаби локални врнежи во сливното подрачје на Кочанска рекаа нејзиното ниво е зголемено и во атарот на с. Облешево е високо. Реката е излеана надвор од коритото, зафатена е земјоделска површина.
Во текот на изминатото деноноќие најмногу дожд наврна во Прилеп и Пожар – 21 литар на метар квадратен, 15 во Демир Капија, 7 во Берово, 5 во Претор, 4 во Тополчани и Струмица, 3 во Битола, Охрид и Пожаране, 2 во Крива Паланка, Виница и Маврови Анови и еден литар на метар квадратен во Ѓуриште, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
-Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, велат од УХМР.
Во текот на ноќта и изутринава времето е облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб интензитет. Утринава понекаде дува слаб променлив ветер кој е повремено умерен во скопската котлина.
Времето денеска претпладне ќе биде претежно облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува, а во југоисточните делови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.
Во Скопје претпладне облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 23 степени.
МИА