По тажните слики со таблоата со само неколку матуранти во една генерација во малите градови, како што беше од Македонски Брод, се чини, оваа учебна година ќе го покаже егзодусот со иселувањето од државата.
Илустративни се бројките од три општини во Источна Македонија – Штип, Кочани и Виница, каде последните неколку години, семејствата заминуваат масовно во европските земји.
Во Штип во мајските уписи се запишал рекордно низок број на првоодделенци – 358. Проекциите кои се прават се врз основа на бројот на родени деца пред шест години. Според податоците од МВР, во прво одделение во септември би требало да тргнат 582 училишно обврзници. Што значи, недостасуваат 224 деца.
Три села од Кочани ќе нема првоодделенци- Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, додека некогаш големото виничко село Блатец, познато по иселениците во Италија, ќе има само три деца во прво одделение.
Во Кочани во мајските уписи на првоодделенци, се запишале 206 ученици, додека дури 147 родители, кои требаше да ги запишат децата во прво одделение, доставиле изјави дека ќе учат во странство. Во Виница во прво одделение во сите централни и подрачни училишта во градот и селата се запишале само 113 првачиња.
Нови изненадувања за училиштата ќе донесат претстојните уписи во средно училиште. Одамна се води мртва трка за ученици, а паралелките се се’ помали и помали.
В.К.