Здравствениот дом од Тетово во 2021 година со парите за справување со ковид кризата, купи луксузен автомобил од марката Опел кросленд елеганс, во износ од 21.000 евра, со кожен волан, шест звучници и металик боја. Покрај тоа, возилото има и 7 инчен екран осетлив на допир, мултимедија, радио, блутут, усб, како и сензор за дожд и греење на надворешни ретровизори.
Откако ова беше констатирано во извештајот на Центарот за граѓански комуникации-ЦГК за набавките за Ковид-19 во 2021 година и медиски експонирано, Државната комисија за спречување на корупцијата отворила предмет.
ДКСК откако ја разгледала набавката, побарал објаснување од Здравствениот дом од Тетово, како е утврдена потребата за вакво возило со наведените перформанси и во набавката се презицирани техничките спецификации.
Според објаснувањата од Здравствениот дом, комисијата прво ги разгледувала каталозите, а потоа е утврден некој просек. Подолго време за одложувале набавката на ново возило, иако имале потреба.
-Објаснија дека кожниот волан е стандард во таа класа на возило, но и поиздржлив и подолготраен. Барале металик боја затоа што била многу подолготрајна, а Здравствениот дом немал простор – гаража за чување на возилото. Се доплаќа 500 евра, што според објаснувањето не е висок износ во однос на долготрајноста. Шесте звучници биле понудени како стандардна опрема, објаснија членовите на ДКСК на денешната седница.
Од Здравствениот дом навеле и дека џипот бил избор и поради тоа што требало да патуваат на вакцинирање во пооддалечените планински села, патување што трае со часови, а дотраените возила не можеле да одговорат на овие потреби. Освен тоа, дилерот на возилото понудил подолго време сервис и осигурување, што било поволност при набавката на возилото.
ДКСК оцени дека набавката е според прописите, поради што предметот го затвори без натамошно постапување.
Извештајот на ЦГК покажува дека јавните набавки поврзани со Ковид-19 „изобилуваат со проблеми и ризици од корупција“. Како јавни набавки за Ковид-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со кризата, стои во извештајот.