Препорака до Бујар Османи да го советува својот колега во Бугарија, новиот министер за надворешни работи да дојде во Ваташа и по пример на германскиот министер Вили Брант да клекне и да се извини за тоа што го направиле бугарските фашисти. Ова го кажа лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на чествување по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци. Според него, Османи, кој веќе шест години е во владата, нема право да преговара за неговиот македонски идентитет.
-Може тој во името на бугарските фашисти да дојде во Ваташа да клекне и да побара прошка за тоа што го правеле Бугарите во Втората светска војна овде во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски коментираше и за односот и комуникацијата со СДСМ и понудата за дуел до премиерот Димитар Ковачевски.
-Човекот е кукавица, човекот е киднапиран домазет во својата влада. Се плаши на оди на избори, се плаши да излезе на ТВ дуел. Таква е оваа политичка матрица на овие луѓе. Освен тоа што уште некои време ќе бидат таму, не очекува никаква креативност од нив. За да нема вака кажавме, така кажавме, средби на тимови, средби на лидери… јавно очи во очи да си кажеме, па народот нека суди, нека пресудува, изјави Христијан Мицкоски.
Во однос на резолуцијата на германскиот Бундестаг, Мицкоски рече дека ВМРО ВПМНЕ продолжува да лобира и очекува што повеќе вакви резолуции и очекува во нормална процедура Македонија да стане членка на ЕУ, а не „под бугарски диктат“.