Бекир Кадриески, ко- претседател на бугарското друштво „Шемето“ од Струга, кој беше физички нападнат, доаѓа на лекување во Бугарија. Според пишувањето на бугарските медиуми, тој самиот тоа и го соопштил во телевизиско интервју.
Бугарските медиуми пренесуваат оти Кадриески кажал дека по бруталниот напад стравувал за својот живот.
Бекир во вторникот беше претепан во Струга. Тој вели дека причината е неговата бугарска самосвест. Тој се уште не се чувствува добро, но, според него, болницата не му пружила соодветна нега.
„ Ме боли стомак, не ме сликаа “, кажал Кадриески за бугарските медиуми. Кадриески по поминатата ноќ во струшката болница, беше пуштен на домашно лекување.
Со надеж дека ќе добијат соодветен третман, Бекир и неговиот пријател Живко Чакракчиев заминуваат за Бугарија.
„Очекувам да стапам во контакт со генералот Мутафчииски за да можам да го осигурам неговиот прием на ВМА. Најдоцна попладне ќе заминеме за Бугарија, а утре попладне ќе бидеме во болница“, коментира Чакракчиев.
Сепак, и покрај стравот за својот живот и за неговото семејство, Кадриески изјавува дека ќе остане да живее во Македонија.