Македонската Дејвис куп репрезентација со победа ги почна натпреварите во годинашново издание од Третата Европска зона Б група од Дејвис купот, откако во Ларнака, Кипар ја совладавме Малта со 2-1.
Македонија со пресврт го доби мечот од првото коло. Денот почна со дуелот на Обрад Марковски кој со 2-1 во сетови загуби од Алекс Дегабриеле во долг меч кој траеше 2 часа и 46 минути.
Марковски го доби првиот сет со 6-4, Дегабриеле вториот со 6-2. Во третиот решавачки се играше тајбрејк кој му припадна на Малтежанецот со 7-3.
Втор настапи Ивановски кој со 2-0 во сетови го совлада Лиам Деликата. Мечот траеше 1 час и 18 минути, нашиот тенисер победи со 6-2 и 6-4.
За вкупниот победник решаваше дуелот во двојки кој го добија нашите тенисери. За Македонија играа Калин Ивановски и Берк Бугариќ, а за Малта Алекс Дегабриеле и Лиан Деликата. Победивме со 2-0 во сетови, 6-4 и 6-4.
Денес нашите најдобри тенисери ќе играат против селекцијата на Молдавија која со 3-0 го совлада Кипар.