На „Отворени финансии“ забележлива е уплатата од 7,2 милијарди денари од Министерството за транспорт и врски до ЈП за Државни патишта. Средствата, како што стои во описот, се наменети за Програмата за патна инфраструктура, усвоена од Владата.
Уплатата е реализирана на 24 април и се наменети за почетните работи на коридорите 8 и 10 д, чиј изведувач на работите е компанијата „Бехтел и Енка“. Уплатата на парите се случува 11 дена пред Владата да ги усвои законите (05.05) и 33 дена пред усвојувањето во Собранието (26.05).
Според објаснувањето од Министерството за транспорт и врски, уплатените средства се наменети за почетната фаза на работите на коридорите, односно за мерења, поставување на камп, лаборатории, експропријација и други почетни работи. Договорен орган е ЈП за Државни патишта, додека изведувач е конзорциумот „Бехтел и Енка“. ЈП за Државни патишта до Министерството за транспорт и врски испратило писмо со кое бара финансирање на програмата, што се уплатени од буџетската сметка.
-Подготвителните работи веќе се започнати. Се подготвуваат елаборатите за експропријација. На делницата Прилеп – Битола 60 отсто е државно земјиште, 40 отсто приватно, додека на делницата Тетово Гостивар е обратно (40% државно – 60% приватно земјиште). Работите на терен очекуваме да почнат кон крајот на јуни – почетокот на јули на државно земјиште, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски.
Следните уплати, како што објаснуваат од Министерството, ќе бидат врз основа на извештајот на надзорот и по измерени количини.
Премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање при неговата посета во Богданци не одговори колку пари се уплатени на сметката на „Бехтел и Енка“ и упати на Министерството за трнаспорт и врски и ЈП за Државни патишта.
В.К.