Премиерот, Димитар Ковачевски му нуди на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски да ја преземе улогата на премиер во преодната Влада во интерес на донесувањето на уставните измени, иако според претходно договореното, премиер во следната техничка Влада треба да биде Албанец. За ова денеска брифираа од Владата од каде потсетија на ставот на Ковачевски дека е подготвен да ѝ отстапи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пет ресори. Сепак, за кои министерства станува збор сè уште останува неизвесно.
Според Владата, огромна придобивка е тоа што на лидерската средба не се разговарало за содржината на уставните измени. Веќе прашањето не е дали да има уставни измени и какви да бидат тие, туку како да се направат – велат владини извори
Оттаму посочуваат дека на неодамнешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски имало само едно разидување, односно прашањето за тоа уставните измени да важат одложено. Од Владата брифираат дека тоа не е можно затоа што не е во согласност со преговарачката рамка, а таа не може да се менува на лидерска средба.
„Ова не е време за лични интереси. Сега останува ВМРО-ДПМНЕ да остане во процесот, а ако не остане, тоа ќе биде разочарување и за нас и за меѓународната заедница. Оваа одлука ќе биде победа за граѓаните затоа што во јавниот дискурс веќе нема предавници. Нема да застанеме со уставните измени бидејќи тие озбедуваат право на различни заедници да влезат во преамбулата на Уставот“, истакнаа денеска од Владата на брифинг со новинарите.
Предлогот за уставните измени во моментов е во Министерството за правда, а се очекува до крајот на овој месец да влезе и во собраниска процедура. Владините извори очекуваат дека процесот на усвојување ќе трае подолго време или минимум три и пол месеци.
Од Владата велат дека најдобрата варијанта сега е да се донесат уставните измени и потоа да се оди на избори, а најлошото сценарио е да не се донесат зашто тоа би значело прекин на преговорите.
На денешниот брифинг беше соопштено дека в четврток две држави ќе усвојат резолуција за поддршка за нашето членство во ЕУ и за потврда на македонскиот јазик и идентитет. Некои од медиумите во меѓувреме јавија дека една од државите е Германија.