Дијабетичарите повторно оставени на маргините да се снаоѓаат како знаат и умеат, додека инсулинските аптеки кубурат со ленти и глукомери.
Групите за помош и поддршка на лицата со дијабет на социјалните мрежи се преполни со барања за иглички, ленти и за апарати за мерење на шеќерот со крвта, иако проблемот со недостиг на инсулин кој беше актуелен пред неколку месеци, сега не е толку алармантен.
ММС и претходно пишуваше за проблемите и предизвиците на граѓаните со дијабет, а каква е ситуацијата во моментот, разговараме со Гордана Јанева од Здружението на граѓани со дијабетес за општините Гевгелија, Богданци и Дојран.
Иако им следува бесплатно, дијабетичарите од свој џеб ја плаќаат опремата за следење на шеќерот во крвта
Јанева, која е мајка на дете со дијабет, смета дека состојбата со достапноста на инсулинот е подобра од февруарската инсулинска криза која беше присутна поради ненавремено решени бирократски процедури.
„Со солидарност до терапија, што ли сè нема видено големото семејство на лица со дијабетес и нивните блиски. Се чини дека недостигот на инсулин се реши со завршување на административниот дел. Ретко некои инсулини да се недостапни, но и за нив надлежните кажаа дека е набавена замена. Солидарноста пак, меѓу лицата со дијабетес постојано расте. Сите сме сведоци на поддршката која сите меѓусебно си ја даваме, и во добри и во лоши денови. Се надеваме дека таквите кризи ќе останат минато за нас во некое време, бидејќи навистина е потценувачки во едно вакво време да нема достапна терапија за хронична состојба каква што е дијабетесот“, вели Јанева.
За жал, дијабетичарите тешко доаѓаат со лентите кои им следуваат бесплатно па и за нив се снаоѓаат со позајмување или ги купуваат на свој трошок. Според Јанева, да се остави еден дијабетичар без основната опрема односно ленти и глукомери е вистински апсурд.
„За жал, пациентите не добиваат доволно ленти. Веќе со месеци лицата со дијабетес од различни градови во Македонија реагираат на недостатокот на ленти, некаде целосно нема достапни ленти за глукомерите, а таму каде што има и тоа е редуцирано. Едно лице со дијабетес некогаш во денот прави од 7 до 10 мерења на шеќерот во крвта, што дури ни со сегашните препорачани количини не е доволно. Имено лице со дијабетес тип 1 на месечна основа треба да добива 125 лентички, а лице со дијабетес тип 2 – 25, но од тоа во последниот период ништо, и пак поради ненавремено комплетирани процедури и набавки“, алармира Јанева.
Таа порачува дека добрата и навремена контрола е пресудна за побезгрижен живот со дијабетесот, но пациентите во Македонија ја немаат.
– Секој се снаоѓа како умее, најчесто докупуваме ленти од аптеките, по енормни цени почнувајќи од 800 денари, па и повеќе за поквалитетни брендови на ленти за мерење. Никој нè нема прашано дали секој може и како може да си го дозволи тоа – вели разочарано оваа мајка.
Ниту нејзиното ниту другите деца со дијабет, па и возрасните пациенти, не можат навреме да ги прават контролите кај своите ендокринолози поради проблемот со недостиг на термини. Тоа е еден од проблемите кои дополнително им ја отежнуваат ситуацијата на овие граѓани. Јанева вели дека во државава ни е потребна и квалитетна унифицирана едукација, затоа што за лицата со дијабет има стереотипи кои не се соодветни на реалната слика.
„Живееме во средина во која се верува дека дијабетес добиваат само дебелите луѓе, луѓе кои јадат многу благо…а тоа воопшто не е така, дијабетесот не прави избор на личноста по изглед, а ниту ние самите сме го избрале. Дел од родителите на лица со дијабетес се и често соочени со проблеми во зачувување на работното место, а сè почесто наидуваме и на неисполнување на законските обврски како што е надоместокот за половина работно време за родители на деца со попреченост и хронични состојби каква што е дијабетесот, со изговор за дупки во постоечките закони и потреба од нивно успорување пред Уставниот суд“, објаснува Јанева.
Единствената светла точка во целата ситуација е тоа што Министерството за здравство неодамна објави предмет за набавка на системи за следење (мониторирање) на гликоза базиран на сензори.
Овие системи се наменети за пациенти со дијабетес тип 1 за периодот од април 2023 до април 2025 година, и сега само се чека на спроведувањето на јавната набавка на сензорите за деца и млади до 18 години.
Јанева потенцира дека овие помагала ќе бидат од голема корист не само за децата туку и за нивните родители. Таа се надева дека во блиска иднина ваквите системи ќе бидат достапни за сите лица со дијабетес тип 1 независно од возраста и објасни која би била користа од нив:
„Најпрво ќе го намалат боцкањето за мерења по и така уморните прсти, ќе придонесат за зачувување на периферната инервација, осетот на прстите кој со текот на годините се губи од постојаното боцкање, ќе ни овозможат поедноставно следење, поефикасна контрола и мониторинг, полесно справување и превенција на хипо и хипергликемиите“.
Од Министерството за здравство пак, во писмениот одговор до ММС нагласуваат дека со новите сензори ќе бидат покриени и бремените жени, но и слепите лица.
Во однос на терапијата за пациентите, уверуваат дека до инсулинските аптеки веќе се дистрибуирани сите најнови инсулини и нема недостиг.
Сепак, од Министерството не одговорија на прашањето зошто има недостиг на игрличките, лентите и глукомерите и кога планираат да го решат ваквиот проблем. Од институцијата кусо посочија дека во завршна фаза е изборот на најповолен понудувач за ленти и игли и во најскоро време ќе се дистрибуираат во инсулинските аптеки и до крајните корисници.
За овие проблеми пациентите преку своите здруженија алармираат години наназад со апел дека политиката мора да остане надвор од грижата за здравјето на граѓаните. Тие во своите јавни обраќања претходно побараа да се донесе Национален план за справување со дијабетес, но и да се направи регистар, а сега апелираат дека им треба навремена и квалитетна терапија и опрема бидејќи како што нагласуваат „никој нема право да си игра со животите на лица кои не избрале самите да го живеат животот којшто го живеат“!
Вања Мицевска