Навистина настана голема збрка околу оваа тема и самиот министер придонесе кон тоа – изјави денеска аналитичарот, Ибрахим Мехмети коментирајќи го случајот со разрешувањето на д-р Сашко Јовев од директорското место на Клиниката за кардиохирургија.
Во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Мехмети потсети дека министерот за здравство Меџити информираше оти имало инспекција која утврдила неправилности, по што самиот тој го повика д-р Јовев да му биде советник. Според Мехмети, тоа е пример дека институциите не функционираат.
„Ова е уште еден пример за нефункционирање и недоверба во институциите. Ако постои таа инспекциска служба која навистина утврдила нешто, ние треба да знаеме што има таму. Ние анализираме, а не знаеме што има. Можеби нема ништо релевантно, ама кој ќе го оценува тоа? Не знаеме за што се работи. Настана една голема збрка и на крај можеби ќе остане впечатокот дека институциите не функционираат како што треба“, изјави Мехмети.
Аналитичарот Сафет Бишевац пак се надоврза посочувајќи дека „апсолутно е јасно дека ние немаме институции“.
„Што се однесува до случајот на проф. Јовев за мене тоа е уште еден пример како ние во таа политичка желба за доминација, сме подготвени да уништиме исклучителни вредности кои не се дел од нашиот политички табор. Министерот апсолутно не го докажа првичното тврдење дека таму имало сериозни неправилности и дека Јовев не е разрешен поради стручноста бидејќи неговата стручност е несомнена, туку поради неправилности во работењето. На крај не излезе ништо од тоа и го соголи самиот факт дека се работи за нешто друго“, додаде Бишевац.
Претходно во емисијата гостуваше и д-р Јовев кој изјави дека се уште го нема потпишано решението за неговото разрешување и објасни како во изминатите години се граделе капацитетите на Клиниката за кардиохирургија каде досега беа направени осум трансплантации на срце.