Граѓаните недоволно се запознаени за постоењето на бројот за итни повици.
Почнувајќи од февруари минатата година во рамки на Центарот за управување со кризи активен е Единствениот повикувачки број за итни повици 112 на кој што граѓаните можат да се јават доколку имаат итна потреба од полиција, брза помош, противпожарна единица или имаат каква било друга итна состојба.
Во Секторот Е112 функционираат две одделенија – Одделение за контрола на квалитет и Одделение за управување на повици кон итниот број 112 во чиј состав спаѓаат и регионалните канцеларии што примаат повици од своите региони, тоа се осум поголеми центри Куманово, Штип, Охрид, Струмица, Велес, Битола и Тетово. Граѓаните можат да пријават случаи на македонски, албански и англиски јазик.
Во изјава за МИА директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека тие како институција направиле мала кампања.
Сепак, посочува дека законските ограничувања и ставот на Владата да не се плаќа на медиумите за реклами на државни институции ги ограничуваат во можноста бројот 112 да го рекламираат повеќе и со тоа повеќето граѓани да знаат за постоењето на овој број. Тој потенцира дека иницирале истражување на јавното мислење преку телефонска анкета за да видат колку од граѓаните се запознаени со бројот 112 и со надлежностите.
Ивица Додевски, раководител на Одделение за управување со повици кон Е-112 во ЦУК нагласува дека за 15 месеци примиле 660 илјади повици, од кои одговорени се 520 илјади, а напуштени се 145 илјади повици. Додевски објаснува дека напуштените повици се повици во кои јавувачите по грешка свртеле на бројот.
Најмногу граѓаните се јавуваат за потреби кон полицијата
Додевски вели дека до сега најмногу повици примиле кон полиција, а по неа следи итната медицинска помош. Тој информира дека најмногу повици на телефонскиот број 112 има во периодот меѓу 10 и 14 часот.
-Кон противпожарната единица има помалку повици. Кон полиција има повеќе повици бидејќи има поголем опсег на обврски што им требаат на луѓето. Се пријавуваат секакви случаи. Еве на пример, во април кон полицијата имаме околу 10 илјади повици, а кон итната медицинска помош околу седум илјади повици, рече тој.
Што се донесува до јавувањата, Ангелов нагласува дека околу 47 проценти од барањата се однесуваат на потреби упатени кон МВР, додека 45 проценти од повиците побаруваат итна медицинска помош, а само четири проценти имаат потреба од територијалната противпожарна единица. Четири проценти од вкупната маса на повици ги решава Секторот за операции и координации при ЦУК.
Додевски вели дека граѓаните кај нив се јавуваат за секакви потреби.
-На пример изгубиле клуч па имаат потреба да им се отвори врата или бараат некакви информации. Ние настојуваме да им одговориме, меѓутоа и ги известуваме луѓето дека телефонскиот број е претежно за итни повици, на луѓе што им треба итна медицинска помош, полиција или помош од противпожарна единица, вели тој.
Ангелов нагласува дека за жал за постоењето на на бројот 112 се уште треба да се работи, бидејќи како што вели дел од граѓаните се уште не знаат дека е функционален и постои.
-Ние направивме една мала би рекол скромна кампања, но законските ограничувања и ставот на Владата да не се плаќа на медиумите за реклами на државни институции не ограничуваат во можноста бројот 112 да го рекламираме малку повеќе и со тоа повеќето граѓани да знаат за постоењето на овој број. Во овој момент инициравме истражување на јавното мислење за да видиме колку од граѓаните се запознаени со бројот 112 и со надлежностите на нашите оператори од бројот 112. Се работи за телефонска анкета за која во тек е процедурата. За почеток сметам дека и една сериозна телефонска анкета ќе ни даде една реална претстава каде се наоѓаме сега, колку од граѓаните знаат дека бројот 112 постои и кои услуги, вели тој.
ЦУК во моментов работи на миграција на бројот 192 кон 112. Ангелов информира дека веќе неколку месеци работат за трансфер, односно миграција на бројот 192 кон 112.
-Оваа миграција е веќе во завршна фаза. Тоа значи дека кога граѓаните ќе се јават на бројот 192 самиот систем ќe ги префрли кај нашите оператори на 112. Граѓаните иако во суштина вртат во полиција на 192 ќе го добијат операторот од Секторот 112 од Центарот за управување со кризи, вели тој.