Отворањето на хрватскиот пазар за странски работници создаде плодна почва за агенциите за посредување при вработување. Само што, дел од овие агенции станаа легален параван за трговците со луѓе.
Жртви на измамата на овие агенции се луѓе од Бангладеш, Непал, Индија, Филипини… Многу од овие луѓе дошле уште лани во Хрватска, како сезонски работници, откако претходно биле ангажирани за 300-400 евра месечно во заливските земји.
Овие мигранти со легалното отворање на пазарот на работна сила во ЕУ своето место го нашле на истите работи како и во заливските земји во градежништвото, угостителството, земјоделството, само што во Хрватска работат за повисока плата од 500-800 евра.
Меѓутоа, со оваа можност, се појавија агенции кои нудат работна дозвола за ЕУ за енормни суми, како 7000, 8000 евра, а некои земале и под 12.000 евра од овие мигранти.
Според пишувањето на Вечерњи лист од Хрватска, жртви на оваа измама се луѓе од Блискиот Исток и Африка.
Мрежата е прилично едноставна – отвораат агенции во Каиро, Египер, каде доаѓаат најголем број на мигрантите, а потоа и подружница во Загреб. Овие агенции ги водат поранешни мигранти кои пред две-три години добиле легални дозволи во Хрватска и земјите на ЕУ, но се регистрирани главно на нивните сопруги. Овие агенции склучуваат договори со компании, на кои им нудат по 2000 евра за договор за работа, и потоа тој човек не мора да работи во компанијата. На ваков начин се добива можност да влезат мигрантите, на кои пак им земаат тројно повеќе, но никогаш не остануваат во Хрватска, туку продолжуваат кон некоја земја од ЕУ.
Но, се случува овие луѓе да бидат внесени во Хрватска, но никогаш да не заминат понатаму, како што им било ветено.
Весникот пишува за судбината на Хусеин од Египет, кого новинарите го забележале како ги минува деновите и ноќите на клупата пред Автобуската станица во Загреб.
-Се јавив на оглас на агенција од Хрватска, на која платив 9000 евра посредување за работа со 7000 евра месечна плата. Бев наивен и глуп што си ја продадов куќата за 9000 евра верував дека брзо ќе купам нова со 7000 евра плата. Дури ми ветија дека ќе можам да работам во Италија. Кога стигнав во Хрватска, луѓето едноставно исчезнаа и сфатив дека сум измамен, вели Хусеин.
Се забележува дека многу луѓе кои живеат од Шпанија, Франција и други европски земји кои се по потекло од африканските земји или од некоја од земјите на Блискиот Исток, доаѓаат во Хрватска за да договорат фиктивно вработување со хрватските компании и нудат пари за фиктивни дозволи.
Според информациите на Вечерњи лист, околу 27.000 работни дозволи за странски работници биле укинати или повлечени од работодавачите. Од МВР одговориле дека не располагаат со податоци зошто биле поништени овие дозволи.
Извор: Вечерњи лист