Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. На Вонредната седница беше донесена Одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и Заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
При процена и утврдување на висината на штетата, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. Проценетите штети, Комисијата ги евидентира на пропишани обрасци и табели согласно Методологија.
Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево.
Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата.
За својата работа, Комисијата изработува Извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и го доставуваат до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата на Република Северна Македонија. Ова Решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Делчево “.
Одржувањето на Вонредната седница на Советот на Општина Делчево е иницирано од невремето проследено со силни врнежи од дожд и град и поплави на објекти и на инфраструктура коешто го зафати градот Делчево вчера во попладневните часови во периодот од 17.ч до 18,30ч.
На Седницата претставници од сите надлежни институции информираа за преземените мерки и активности во насока на заштита на имотот на граѓаните, но и мерки кои се преземаат за санирање на штетите на индивидуалните и административните објекти од поплавите и од штетите на патната инфраструктура.
Соседната општина Македонска Каменица најави дека ќе издвои половина милион денари за санирање на последиците од синоќешното силно невреме во Делчево
– Поради невремето што го зафати нашиот соседен град Делчево кое што остави фатални последоци од поплава и големи материјални штети кај населението Општина Македонска Каменица ќе донира парични средства во износ од 500 000 денари со цел санирање на штетите во најбрз можен рок, објави градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.
На собирање помош повикуваат и повеќе иницијативи преку социјалните мрежи до хуманите луѓе, но и останатите општини и централната власт да им помогнат на домаќинствата, кои по вчерашното невреме останаа без покуќнина и дел од домовите и другите имоти.