Откако СВР Штип вчера поднесе кривична пријава против директорката на еден од клоновите на Детската градинка во Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, денес со најостра осуда и демант излезе градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Тој истакна дека ова е класично демонстрирање на моќ и влијание на МВР во насока на СДСМ со цел да се нанесе штета на угледот на институцијата и на личноста, како и злоупотреба на позициите на вработените во Министерството за внатрешни работи за остварување ниски партиски цели.
- Во изминатите месеци јавните институции во градов беа предмет на тортура и незаконски претреси, истраги и закани од страна на инспектори на СВР Штип кои се директно поврзани со Социјал демократскиот сојуз, вели Јорданов.
Тој посочува дека началникот кој ја вршел истрагата во конкретната градинка е брат на висок партиски функционер, секретар на Социјал демократскиот сојуз во Штип и како таков има директни лични мотиви за злоупотреба на својата положба нанесувајќи штета на угледот на претставниците на локалната власт.
- Вистината е една и единствена, а тоа е дека градинката има набавено детски реквизити кои се користат од страна на децата згрижени во детските градинки и се поставени во сите клонови, што е сосема поразлично од наведеното во извештајот од СВР Штип за што некој ќе одговара поради ширење лажни информации, потенцираше градоначалникот Јорданов.
Од СВР Штип вчера беше поднесена кривична пријава против Н.М.(39) од Штип со обвинение дека пријавената, во својство на вршител на должност директор на општинската јавна установа – Детска градинка во Штип, на 22.12.2022, по спроведена постапка за јавна набавка на детски реквизити и монтажа на детски реквизити, иако доставата и монтажата не биле извршени, извршила исплата на економскиот оператор и предизвикала штета на Буџетот на Република Северна Македонија за сума од 2.593.601 денари.