Нема изедначување на цените помегу странските државјани и осигурените државјани на РСМ, туку изедначување на цените за приватни здравствени услуги, тврди Министерството за здравство во денешното соопштение.
Како што објаснува Министерството, до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на РСМ кои се неосигурани и плаќаат приватно.
-Потенцираме дека воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување. Оттука, за овие промени не се потребни никакви промени во законот, бидејќи дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена на странските државјани се дава право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што се промовира јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава конкурентна на пазарот на трудот, велат од МЗ.
Според Министерството, цената за услугите е иста, така што македонските државјани кои што немаат здравствено осигурување ќе плаќаат иста цена со странците, бидејќи се работи за приватна услуга. Тоа значи дека граѓаните кои плаќаат здравствено осигурување во никој случај нема да бидат на било каков начин во подредена состојба да им го плаќаат данокот на странците, државјаните секако партиципација ќе си плаќаат, односно ќе плаќаат поевтино.
Ова и порано функционирало во некои државни клиники, а сега со ова се продолжува иницијативата и за во другите клиники.