Апокалиптични слики од Делчево, откако вчера попладне цел час врнеше пороен дожд. Запрепастувачки се фотографиите со возилата кои пливаат во вода, поплавените куќи и како со нож пресечениот асфалт на улиците.
Цела ноќ работеа спасувачките екипи, кои покрај домашните во Делчево беа засилени пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и Македонска Каменица, кои се одзваа на повикот на градоначалникот на Делчево и колегите од ТППЕ Делчево и помогнаа во санирање на последиците од невремето. И изутрината продолжи испумпувањето вода од подрумите на луѓето, како резултат на поплавите од невремето кое вчера попладне го зафати градот.
Водата во претпладневните часови полека се повлекува, но последиците се огромни. Според информациите од Општина Делчево, три улици се значајно оштетени, додека по една сообраќајот е делумно забранет и се одвива по една коловозна лента. Поплави беа регистрирани и на улицата Царевоселска, Булевар Македонија, во населбата Студена Чешма и други населби, кои за среќа поминаа без човечки жртви.
Во невремето поплавени беа голем број куќи во пониските делови од градот, а најзагрозени беа жителите од населбата Пролет, чии куќи поради излевањето на река Габровчица пливаа под вода. Поплавени се и куќите во пониските делови од градот, вклучително и тие на жителите во Басарица.
Во текот на ноќта освен пожарникарите на терен беа и вработени во комуналното претпријатие кои со механизација расчистуваа дел од наносите на патната мрежа. Со механизација се работи и денеска на отстранување на наносите, песокот и искршените гранки.
Во своето вечерно обраќање градоначалникот на Делчево информираше дека ставени се во функција сите расположливи ресурси, но за целосно справување со последиците ќе биде потребна и поголема поддршка.
Апелираше загрозените граѓани да ја пријавуваат состојбата на дежурниот телефонски број 193 изразувајќи надеж дека во текот на денешниот ден работите ќе бидат ставени под целосна контрола.
Најавена е и вонредна седница на Советот на Општината Делчево, на која се очекува одлука за прогласување на вонредна состојба.