Последното значајно опремување на истражувачки лаборатории било во 2010 година, кога биле потрошени околу 23 милиони евра. Од тогаш до сега, науката зависи од милоста на странските донатори.
Македонија вложува сè помалку пари во истражувачки инфраструктури односно во опрема за истражување за истражувачки лаборатории. И покрај тоа што може да биде стратешки важна за економскиот развој, научната и технолошката политика не го добива потребното внимание, па во државава не постои вистински документ за стратешки национален развој во областа на истражувањето и науката. Последната верзија на Националната програма пак, е истечена пред неколку години.
Одговорна институција за развојот на научното истражување, високообразовниот систем и технолошкиот развој е Министерството за образование и наука. Ова Министерство последен пат, поголем проект за опремување лаборатории за научно-истражувачка дејност спровело пред повеќе од една деценија. Имено, во 2010-та година 80 истражувачки лаборатории биле опремени со истражувачка опрема вредна речиси 23 милиони евра. Најголем дел од средствата или 77 отсто им „припаднале“ на истражувачките лаборатории при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Сепак дел од лабораториите на факултетите на овој Универзитет кубурат со опрема, онаа којашто ја има е веќе амортизирана, а новоопремените всушност функционираат со помош на странска финансиска поддршка.
Една од лабораториите на која според стручната фела, итно ѝ е потребно осовременување е лабораторијата за прехранбена технологија и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет, каде студентите ги изучуваат сите технологии во однос на секундарното производство на храна.
Проф. д-р Весна Рафајловска: Опремата се амортизира многу бргу, потребно ни е осовременување
Професорката Весна Рафајловска вели дека дел од опремата со која работат ја добиле преку Темпус програмата околу 2000-та година.
„Без опрема не можеме да направиме ништо. Во однос на опремата, дел имаме добиено од државата, но многу голем дел сме успеале да обезбедиме преку проектите коишто сме ги работеле во минатото и проектите кои ги работиме сега. Меѓутоа, тоа не е многу. Сепак треба да имаме поголема поддршка од нашата држава и од фондовите коишто постојат за да обезбедиме апарати кои ќе ни овозможат на многу полесен, поедноставен и она што е најважно, поточен начин да го добиеме резултатот кој ќе ни каже дали храната е безбедна или не е безбедна“, нагласува проф. д-р Рафајловска од Институтот за органска технологија на Технолошко-металуршкиот факултет.
Според неа, опремата во лабораторијата треба да биде осовремената за да може новите кадри да добијат подобри знаења, а професорите да се „натпреваруваат“ со своите колеги од околните земји.
„Сакаме да можеме да добиеме опрема којашто ќе биде многу пософистицирана. Наместо да работиме на оваа опрема по неколку часа, софистицираната опрема ќе го даде резултатот за пократко време и ќе можеме побрзо да го добиеме резултатот бидејќи во одредени моменти е потребен брз и точен резултат. Тоа можеме да го постигнеме со опрема којашто ќе биде понова затоа што инструментите по година-две губат од својот квалитет во однос на перформансите па и во однос на самото работење. Осовременувањето на опремата ни е многу потребно“, додава професорката.
И покрај бројните предизвици поврзани со условите во кои се изведува практичната настава, но и во кои се спроведуваат научно-истражувачки проекти, проф. Рафајловска информира дека често соработуваат со бизнис секторот. На овој начин студентите добиваат дополнителни знаења бидејќи како што вели таа, за да може правилно да го изведат технолошкиот процес мора да ја познаваат и економијата.
-Со бизнис секторот соработуваме, ние периодично го повикуваме бизнис секторот за да истакнат од таму што е тоа што им е потребно, така што ние правиме корекција повремено кога ги акредитираме програмите. Ако каже бизнис секторот „нам ни е потребен тој профил“ односно од таа технологија, ние правиме измена во студиската програма и ја насочуваме технологијата што треба да ја изучуваат за да можат да работат во соодветната компанија којашто има потреба. Покрај тоа, имаме заеднички проекти кои се однесуваат на нивните потреби пред сè за решавање на некој проблем кој им е наметнат – објаснува професорката Рафајловска.
Пристапот до истражувачката инфраструктура како мост меѓу научните истражувачи и деловниот сектор
Дека современата опрема е од круцијално значење во спроведувањето експерименти и реализацијата на разни проекти, потврдува и вонредниот професор при Машинскиот факултет, Бојан Јованоски. Тој информира дека на Катедрата за индустриско инженерство и менаџмент веќе функционира новата лабораторија која е финансирана од Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ) каде студентите досега успеале да изведат неколку експерименти.
„Оваа лабораторија ќе претставува место за експериментирање на различни хардверски и софтверски решенија коишто понатаму би можеле да најдат примена во самата индустрија. Исто така, ќе биде и тренинг центар за млади, но и за повозрасни луѓе во нивно дообразување и стекнување нови вештини коишто ќе бидат потребни во индустријата. Веќе имаме соработка со неколку фирми кои нивната потреба за нови вештини ќе ја реализираат тука преку тренинзи коишто ќе бидат наменети и креирани специјално за нив“, објаснува Јованоски.
Благодарение на софистицираноста, новата лабораторија ќе ја направи оваа катедра поатрактивна за соработка пред бизнис секторот кој во партнерство со професорите и нивните студенти ќе може да развие нови технологии и решенија за индустријата.
И покрај ова, потребата за ваков тип лабораторија не била препознаена од државата туку од независното тело на Европската унија, ЕИТ кое ги поттикнува иновациите низ Европа со здружување на организации од бизнисот, образованието и истражувањето.
„Најголемата поддршка за оваа лабораторија и за идеите коишто го имаме за нејзино проширување доаѓа од надвор односно од грантови коишто се или европски или конкретно еве, германски. Тие ја препознаа потребата за ваков тип лабораторија и се надевам дека ќе имаме и други поддржувачи во иднина, како интернационални така и од самата држава. Државата моментално помага со проекти коишто се наменети за мали истражувања коишто можеме да ги спроведеме во нашата лабораторија“, потенцира Јованоски.
Додека иноваторите и претприемачите добиваат европска поддршка за да ги претворат своите идеи во современи производи и услуги кои водат до одржлив раст, Националниот совет за високо образование и научно истражување нема ни развиено нова Национална програма за научно-истражувачка дејност. Познавачите апелираат дека доколку Владата сака да ги достигне развиените економии, треба да вложи повеќе во истражување и развој што пак, би стимулирало повисоки инвестиции во истражувачки активности од истражувачките и бизнис секторите.
Пристапот до истражувачката инфраструктура е важен за поврзување меѓу истражувачите во одредена научна област и деловниот сектор. Токму за да се подобрат иновациските капацитети за првпат во регионот на Западен Балкан се назначува Национален секретар за поддршка на делувањето на Европскиот институт за иновации и технологија – ЕИТ.
Институтот е независно тело на ЕУ кое ги поттикнува иновациите низ Европа со здружување на организации од бизнисот, образованието и истражувањето. Ваквото тело е составен дел на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт, со која финансиски се поддржуваат долгорочни партнерства меѓу компании, истражувачки лаборатории и високото образование заради изнаоѓање решенија за различни проблеми.
Во Македонија назначен Национален секретар на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ)
Националниот секретар на овој Институт во Македонија, Александар Стамболиев најави дека во следните три години тука ќе доаѓаат делегации кои ќе ги претстават своите инструменти пред домашната академска заедница, но и пред компаниите.
„Единствената цел е да се унапреди компетитивноста на европската економија и да се зајакнат сите помали економии коишто ги имаме во Европа. Има многу повици кои се наменети токму за бизнис заедницата како да ги унапредат своите производи. Се надеваме дека на овој начин македонските компании ќе ја препознаат можноста да се пријават на повиците коишто ќе им ги споделиме преку коморите и директно за тие компании коишто сметаме дека се релевантни да влезат во конзорциуми со различни партнери коишто би вклучувале локални и европски универзитети, центри за истражување и развој“, додаде Стамболиев.
Сепак, само поддршката од надвор не е доволна ако сакаме да ги достигнеме европските економии.
Македонија ќе треба да го зголеми нивото на расходи за истражување и развој кое сега е далеку пониско од она на земјите членки на ЕУ. Домашната статистика говори за разочарувачки ниски инвестиции на државата во истражувачка инфраструктура.
Додека развиените држави на Европската унија се стремат средствата за истражување и развој да стигнат до 3% од БДП, во Македонија, овие бројки се постојано ниски и бележат тренд на опаѓање. Од 2014 година, процентот од БДП за истражување и развој постојано паѓа – од 0,51% во 2014 година паднал на 0,36% во 2018 година. Вкупните инвестиции во истражување и иновации во 2020 година биле 0,37% од БДП.
Препораките од стручната фела се дека Владата треба да размисли да спроведе втор круг поддршка за истражувачките лаборатории што првично беше имплементиран од МОН во 2010 година. Со оглед на тоа дека се поминати повеќе од 10 години, опремата за истражување во голема мера е застарена и се потребни дополнителни инвестиции за истражувачките институции да можат да работат во согласност со најсовремената опрема за истражување.
Вања Мицевска