Во напад со нож што се случи во францускиот град Анеси, маж рани седум лица, од кои шест деца.
Напаѓач се нафрлил со нож врз група деца во парк во градот Анеси, Франција, околу 9:45 часот, јавува агенцијата АФП повикувајќи се на извори во безбедносните сили. Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен на Твитер објави дека напаѓачот „е уапсен благодарение на брзата реакција на безбедносните сили“.
Нападнатите деца се на возраст од околу три години. Најмалку три од жртвите, две деца и еден возрасен, се во критична состојба, јави агенцијата ДПА.
Од полициски кругови се наведува дека напаѓачот се опишал како барател на азил од Сирија. Неговите идентитет во моментов се проверува. Според она што е досега познато, тој немал полициско досие во Франција. За мотивите за нападот досега не се знае ништо.
Францускиот претседател Емануел Макрон, по нападот во источна Франција, на Твитер напиша: „Нацијата е во шок“. Според него, нападот бил „апсолутно кукавички“.
Од кабинетот на премиерката Елизабет Борн е најавено дека таа ќе отпатува во Анеси. По веста за нападот, имаше минута молчење во францускиот парламент.