Камените куќи кои им пркосат на годините во селото Кочлу во турската област Битлис, станаа една од најпосакуваните локации за голем број љубители на природата, особено во пролет, известува Анадолу.
Старите камени куќи во селото, изградени на падините на долината во руралното подрачје, особено го привлекуваат вниманието на фотографите, патниците и туристите.
Оние кои ќе дојдат во селото во рамки на туристичките тури што редовно се организираат, ги разгледуваат камените куќи сместени во тесните улици.
Некои камени куќи во живописното село Кочлу стари се и до 300 години.
Членовите на Спортскиот клуб „Долина Ван“ (Van Vadi) организираат редовни излети во селото Кочлу.
Лидерот на Спортскиот клуб, Омер Демез, за АА изјави дека постои голем интерес за посета на ова подрачје, особено во пролетните и зимските месеци.
Тој истакна дека овие камени куќи особено во пролет добиваат восхитувачки изглед.
„Посетителите се восхитуваат на историските камени куќи во овој регион. Оваа година по вторпат организиравме нивно разгледување поради големиот интерес. Ќе организираме обиколки неколку пати и во зимскиот период“, рече Демез.
Ешреф Јилдиз, љубител на природата, рече дека селото Кочлу е многу убаво благодарение на своите историски куќи и прекрасна природа.
„Целото село се состои од камени куќи. Куќите се на два ката. Луѓето тука се многу љубезни. Тесните улици во селото и погледот од птичја перспектива се навистина величествени. Ова е место кое секој треба да го види“, рече Јилдиз.
Битлис е град во истоимената област во југоисточна Туркије.