Поголема група од над 200 жители на кумановското село Слупчане се собра и не дозволи влез на екипите на ЕВН, заканувајќи им се по живот доколку влезат во селото.
Фрапантен е податокот што го сподели ЕВН. Вкупните загуби поради кражби во село Слупчане достигнуваат над 1 милион евра или околу 6 GWh. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија е украдена, додека само една третина или 20% од фактурираната енергија се плаќа.
Толпата организирано го блокираше влезот во селото и не им дозволија на работниците на ЕВН да започнат со активности за реконструкција и модернизација на мрежата.
-Се додека потрошувачите не дозволуваат да работи, ќе се соочат со прекини во снабдувањето и сериозни дефекти како резултат на тековната кражба и злоупотреба на мрежата. Дефектите ќе се отстранат само доколку се создадат нормални услови за работа“, соопштија од ЕВН. Компанијата веќе го пријавила инцидентот кај надлежните институции.
Од ЕВН велат дека ваквите реконструкции на мрежата се неопходни за да се подобри електричниот напон и да се овозможи точно мерење на електричната енергија што ја трошат потрошувачите од селото, за во иднина да не се соочуваат со дефекти.