Денеска се навршуваат 30 години од смртта на легендарниот хрватски кошаркар, Дражен Петровиќ, кошаркарскиот „Моцарт“ како што некои го нарекуваа.
Кариерата ја почна во Шибеник, а на неполни 20 години се пресели во Цибона каде за брзо време стана лидер. Со хрватскиот тим ја покори Европа, со репрезентацијата на Југославија освои се што можеше да се освои, брзо потоа отиде во Реал Мадрид и стана убедливо најдобриот кошаркар во Европа.
Следната дестинација за него очекувано беше НБА. Почна во Портланд каде не доби голема шанса, но својот кошаркарски раскош го покаа во Њу Џерси нетс.
Леброн Џејмс еднаш изјави дека го смета Петровиќ за најдобриот странец кој заиграл во НБА лигата.
„Беше голем стрелец, можеше да трча и не се плашеше да шутира. Не се плашеше од ништо. Немаше страв од моментот, од ништо немаше страв“, изјави Леброн.
Приказната на кошаркарскиот Моцарт заврши тажно, несреќно, неферски, на само 28 години. На 7. јуни 1993 година загина во сообраќајна несреќа на автопат во Германија. Овој ден секогаш ќе биде денот кога кошарката ќе го слави Дражен Петровиќ.