Кој управува со јавните претпријатија, кои се финансирани со граѓански пари, најчесто останува тајна. На отвореност и транспарентност во изборот и работата на Управниот и Надзорниот одбор инсистира Законот за јавни претпријатија, но во пракса тоа не се почитува. Со измените на Законот за јавни претпријатија од декември 2022 година, изборот на членовите на управните и надзорните органи треба да се врши по пат на јавно објавен конкурс, што дополнително се очекува да ја зголеми транспарентноста во работењето на јавните претпријатија. Додека на интернет страните на јавните претпријатија, законот пропишува биографиите на членовите јавно да бидат објавени.
Меѓутоа, како што покажа студијата на Институтот за стратешки истражувања и едукација, само шест од опфатените 44 јавните претпријатија на државно и локално ниво, ги објавиле биографиите на членовите на УО. Професорот Младен Караџоски смета дека тоа е така бидејќи претпријатијата немаат со што да се пофалат.
-Членовите на одборите се назначуваат по политички клуч, а при изборот доминира споил системот, наместо мерит системот. Споил системот доминира не само при вработувањето во јавните претпријатија, туку и при изборот на членови на управните и надзорните одбори, кажа професорот Караџоски.
Ретко кое јавно претпријатие преку јавен повик избира УО
Како што пишува во Студијата за процена на состојбата за постапување по пријави на укажувачи и транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија на ИСИЕ, со цел проширување на процесот и обезбедување поголема вклученост, во членот 17-а од Законот за јавните претпријатија, се предвидува дека за избор на членови во управниот одбор на јавното претпријатие се распишува јавен повик за пријавување на заинтересирани лица. Повикот се објавува на веб-страницата на јавното претпријатие за кое е распишан јавниот повик.
Од споменатите 44 јавните претпријатија на државно и општинско ниво, 12 претпријатија одговориле дека немаат распишано јавен повик, додека 31 претпријатие упатиле на основачот, без прецизирање на одговорот дали членовите на одборите се избирани со јавен повик.
Анализата на сегментот на избор на органите на јавните претпријатија и транспарентноста на постапката за избор на членови на органите на претпријатијата во Студијата на ИСИЕ покажува високо ниво на затвореност на претпријатијата во однос на обезбедувањето на податоците.
Професор Караџоски вели дека ниту едно од јавните претпријатија не ставило линк до составот на Управниот одбор, што доколку е работи за професионални членови, тоа би го објавиле.
-Ваквиот однос на јавните претпријатија зборува дека има отсуство на политичка волја за споделување информации. Овој проблем не е од вчера и потребни се мерки и од јавноста и од медиумите, кои треба повеќе да алармираат на недостатоците и недоследностите во работењето на јавните претпријатија, смета професор Караџоски.
Две претпријатија не знаат колку членови имаат во Управниот одбор
Фрапантен е податокот дека при прибирањето на податоците, две јавни претпријатија на општинско ниво одговориле дека не знаат члена има Управниот одбор и за одговор упатиле на основачот, односно општината.
Во согласност со членот 16 од Законот за јавните претпријатија, органи на јавното претпријатие се: управниот одбор, надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење и директорот . Управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владата на Република Северна Македонија, градот Скопје, општината во која живеат над 50 .000 жители, како и управниот одбор на меѓуопштинско јавно претпријатие се состои од седум члена. Управниот одбор на јавното претпријатие основано од општината во која живеат до 50 .000 жители се состои од пет члена.
Право на месечен надоместок
Правото на месечен надоместок како и максималниот износ на надоместокот на членовите на управниот одбор е уредено во членот 19(2) од Законот за јавните претпријатија, според кој, претседателот и членовите на управниот одбор на јавното претпријатие имаат право на месечен надоместок за својата работа, врз основа на присуство на седници на управниот одбор на јавното претпријатие . Вкупниот месечен надоместок на претседателот и членовите на управниот одбор поединечно, не смее да го надмине износот од една половина од просечната нето-плата на вработените во јавното претпријатие исплатена во претходната година.
В.К.