Секнувањето на вода во системот за наводнување Макарија ги изнесе земјоделците од Тиквешијата на блокада на патот Велес – Прилеп. Според земјоделците, доколку нема вода во наредните 15 дена, насадите и овошките ќе се исушат. Проблем се повеќе околни наводителни системи, кои не се во фукнција, преку кои се наводнуваат над 3.500 – 5.000 хектари под градинарски и овоштарски култури.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека заеднички со другите институции во изминатиот период активно работеле на изнаоѓање решение за отстранување на дефектот настанат на сифонот Макарија.
– МЗШВ презема конкретни чекори за надминување на проблемот. Ургентно по настанување на оштетувањето, стручни лица од Управата за водостопанство при Министерството, заедно со претставници на АД Водостопнаство на Република Северна Македонија и професори од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје извршија првични проценки на оштетувањето, се вели во соопштението.
Од страна на Министерството, како што се наведува, беа организирани неколку координативни состаноци на кои се разгледуваше можноста за изведба на времено решение кое ќе обезбеди доволно количини вода потребни за наводнување на земјоделските површини.
– До Владата на Република Северна Македонија беше подготвена и пуштена информација за состојбата, со предлог решенија за надминување на проблемот, при што беше задолжено АД Водостопанство, до следната седница да достави конкретно предлог решение кое ќе биде изводливо и применливо за најкраткок можен рок. На денешната седница на Владата, од страна на АД Водостопанство во соработка со професори од Градежниот факултет Скопје, по направено претходно истражување на достапноста на материјалите и времето на изведба на работите, доставен е конкретен предлог кој предвидува санација на цевководот Макарија при што во рамки на оштетениот дел се предлага монтирање на соодветни цевки кои ќе обезбедат доволно количина на вода за наводнување на пријавените површини од 2.050 хектари, за сезона 2023, стои во соопштението.
Според ресорното министерство, времето на изведба на овој потфат ќе овозможи да се запази сезоната за наводнување. Информираат дека приносот на површините кој се очекува да биде околу 30 илјади тони на земјоделски култури ќе биде запазен и остварен во оваа тековна сезона.
-Решението кое се предлага и кое може да се изведе во брз рок има карактеристика на решение од траен карактер, при што се олеснува понатамошното реконструкирање на целосниот цевковод Макарија и се заштедуваат средства за идните зафати на другите делови од системот за наводнување. На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија се обезбедуваат средства во рамки на Програмата за водостопанство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со воведување на нова мерка која ќе опфати целосна санација на цевководот во износ од околу 82 милиони денари, при што АД Водостопанство во периодот кој следи ќе треба да ги изврши административните процедури за подготовка на постапката за јавна набавка за санација, се вели во соопштението.