Музичката група „Забрањено пушење“ одлучи да ги тужи Радио Телевизија Србија (РТС), Стефан Миленковиќ и Неле Карајлиќ. За причината пишува во писмото од групата и нивниот фронтмен , што го донесуваме во целост:
„Ја информираме јавноста дека и покрај тоа што пред нешто повеќе од 15 дена фронтменот на бендот „Забрањено пушење“ Сеја Сексон укажа на бројни случаи на злоупотреба на неговите авторски права, за жал сè уште сме сведоци на нивно кршење. Поради оваа причина, беше поднесена тужба до Вишиот суд во Белград против Радио и телевизија Србија, Стефан Миленковиќ и Неле Карајлиќ.
Имено, на 21.6.2022 г. Неле Карајлиќ и Стефан Миленковиќ одржаа концерт во Белград на Ташмајдан под комерцијалното име Рок ел Класико. Воедно, без никакво известување до авторот на песните, Сеја Сексон, неовластено, гротескно и кич целосно го сменија изворниот дух на делото и на овој начин ги изведоа следните песни: Последна оаза (Фикрета), Звијезда над Балканом, Хаџија ил бос, Балада за Пишоња и Жуга и Ибро Дирка.
Бидејќи продале билети за споменатиот концерт, тие го продале предметниот проект како сопствен без дозвола на авторот и со тоа грубо го злоупотребиле авторското дело.
„РТС остварува финансиски профит без никаков авторска дозвола“
Воедно, тие и ги дадоа правата на Радио и телевизија Србија да го снима концертот, а потоа и Радиотелевизија на Србија, исто така без дозвола на авторот, таа снимка ја емитуваше во својата програма, потоа ја прикачи на својот YouTube канал и ја монетизираше, што значи дека во моментов Радио телевизија Србија остварува финансиски профит без никаква авторска дозвола од употребата на украдени авторски дела. Видеото во моментов е сè уште достапно на YouTube.
Со прегледување на снимката може да се забележи во одјавата на сите што учествувале во реализацијата на снимањето, од изведувачи, техничари, камермани… единствениот кој никаде не се споменува е токму Сејa Сексон, автор на повеќе од 70 отсто од авторскиот материјал од снимениот концерт.
Исто така, со жалење констатираме дека ова не е изолиран пример и дека песните на Сеја Сексон, целосно преуредени и искористени без никакво известување или дозвола, се и на каналите на други медиумски компании. На YouTube канал на телевизија Нова С.
Оваа снимка е исто така монетизирана и нејзиното емитување (повторно без дозвола на авторот) создава неовластен финансиски приход.
Ги предупредуваме и сите организатори на концерти во земјата и странство дека ќе преземеме законски мерки против злоупотреба на законски заштитеното име на групата, како и авторски дела регистрирани во агенциите СОКОЈ, АМУС и ХДС-ЗАМП. Групацијата Забрањено пушење ќе ги донира сите приходи остварени од судската постапка, како што е наведено во тужбата, во хуманитарни цели“, стои во писмото.
извор: index.hr