Уривањето на браната е и најголемата технолошка катастрофа во Европа во последните децении, уште една манифестација на рускиот геноцид врз Украинците. Ова е одговорот на Кремљ на земјите кои повикуваат на мировни преговори со Руската Федерација, соопшти Амбасадата на Украина во Скопје.
Според оценката на украинската влада, поради намалување на нивото на водата во Каховскиот резервоар, може да има опасност од инцидент на друг критичен инфраструктурен објект окупиран од Русија – АЕЦ Запорижја.
-Ја повикуваме меѓународната заедница најостро да го осуди рускиот терористички напад врз ХЕЦ Каховка. Технолошкото злосторство на РФ ја потврдува високата актуелност на Формулата за мир на Претседателот на Украина Володимир Зеленски. Ги повикуваме меѓународните партнери да се приклучат на нејзиното спроведување што е можно поскоро, особено на точките за борба против екоцидот, нуклеарната и енергетската безбедност. Русија ќе мора да ги компензира сите последици од своето злосторство: како за луѓето, така и за инфраструктурата и животната средина, се вели во реакцијата од амбасадата.
Во исто време, се бара до земјите од Групата седум и ЕУ итно да размислат за воведување на нови далекусежни санкции против РФ, вклучително против руската ракетна индустрија и нуклеарната индустрија.