Министерот за здравство Фатмир Меџити негираше дека има политика во разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиологија д-р Сашко Јовев, но одби да даде повеќе детали. Во одговор на новинарските прашања, се држеше до вчерашното тврдење за злоупотреби, констатирани од инспекторската контрола.
На прашањето дали има политика во разрешувањето на д-р Јовев, Меџити одговори:
-Апсолутно не, секаде кај ќе има злоупотреби со мене како министер ќе има и санкционирање, рече денеска Меџити.
Прашан врз основа на што заклучил дека професор Јовев не покажува резултати во работата кога за 2,5 години има направено девет трансплантации и дали станува збор за одмазда, Меџити искоментира – не е само професорот Јовев, таму има цел тим што работи за такви комплицирани операции.
– За се друго ќе има брифинг за новинарите и ќе бидете известени за сите детали, рече Меџити, кој вчера во изјава за медиумите наведе дека Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име.
Објаснувајќи врз основа на што се разрешуваат директорите посочи дека во Државниот здравствен и санитарен инспекторат има професионалци инспектори за случаи кога имаат индиција за пропусти на некоја клиника. Но, без разлика на тоа јас од првиот ден најавив дека нема да има институција каде нема да има контроли во државата, потенцираше министерот за здравство.