Денеска напладне разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев закажа прес конференција, на која се очекува да проговори, за како што стои во најавата „неговото неосновано, пристрасно разрешување.
Веста за разрешувањето на Јовев ја објави министерот за здравство Фатмир Меџити кој кажа дека инспекција утврдила „големи злоупотреби“ на Клиниката.
Од друга страна, кардиохирургот Јовев, во изјава за „Фокус“ рече дека една од веројатните причини за неговото разрешување е тоа е што одбрал датум за отворање на сала која повеќе му одговорал на премиерот Димитар Ковачевски, но не и на министерот Меџити, кој во саботата, кога беше свеченоста, имал приватен настан.
„Пред една недела отворавме хибридна сала и слободно можам да кажам дека е единствена ваква во регионот. Меѓутоа, на самиот настан требаше да присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски и министерот Меџити. Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога да се официјално пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на бројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан“, изјави Јовев.
Д-р Јовев не го прими решението за разрешување, бидејќи бил на боледување. Во јавноста веќе се говори за можниот наследник на Јовев, кому јавноста му оддава признание за првата трансплантација на срце, што се случи на клиниката што до вчера ја раководеше.