Само за камата на натажениот долг, ЈП „Исар“ од Штип треба да плати четири милиони евра, која достигнува 220 отсто од главницата на долгот. Месечно за камати се плаќаат по 50.000 евра за долгот, додека само кредитите изнесуваат 180 милиони денари.
Во изминатите 20 години во „Исар“, кој како стигнал го задолжувал претпријатието, а долговите не ги враќал. Претпријатието, според оценката на градоначалникот Иван Јорданов, е превработено со административци наместо оперативци, кои биле вработувани по партиски клуч.
-Претпријатието е рак рана. Наместо сервис на граѓаните, јавното претпријатие е заробено од политички интереси. Тоа мора да се промени, рече градоначалникот Јорданов на денешната прес конференција.
Каматите и поголем дол од долгот ќе го платат граѓаните преку општинската каса. На вонредна седница Општината Штип ќе побара ребаланс на Буџетот и обезбедување на 20 милиони денари, пари со кои ќе се овозможи плаќање на застарените долгови и ратите до крајот на годината.
Јорданов рече дека само за една година Општината исплатила еден милион евра за старите долгови на „Исар“.
Градоначалникот презентираше неколку решенија. Најави намалување на бројот на членовите на управниот и надзорниот одбор, нова систематизација, ослободување од административците, со што наместо 325 вработени, оптималниот број би бил 250.
-Мора да се направи замрзнување на новите вработувања во ЈП „Исар“. Да се направи преструктуирање, да се намали бројот на членови на одборите, да се намали бројот на превработената администрација. Веќе сме подготвени да направиме нова систематизација. Или овој чекор или „Исар“ нема да постои“, изјави Јорданов.
Градоначалникот побара одговорност од претходните раководства, кои го задолжувале претпријатието и го довеле во ваква состојба како што констатирал Државниот завод за ревизија. Јорданов го повика обвинителството и другите институции да постапат по извештајот на ДЗР.
В.К.