Добри вести за лицата „фантоми“ во државата. На 14 јуни ќе бидат поднесени законските решенија од страна на пратениците за лицата, кои се практично невидливи за системот, изјави денеска во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Додаде дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија во коишто трајно ќе се реши целиот овој проблем, на околу 700 граѓани во државата.
„Идејата беше преку таа отворена јавна дебата која што ја направивме во Собранието да сите пратенички групи бидат вклучени и на тој начин да го затвориме ова прашање. Тоа ќе биде добро за државата бидејќи конечно ќе се затвори еден процес и ќе бидеме една од првите држави коишто практично по потпишувањето на Конвенцијата за лица без државјанство ќе го разреши целиот овој проблем, вели Спасовски.
Случајот со Мемет не е практично во групата на овие лица, информираше Спасовски, бидејќи тој е лице кое што има извод и е запишано во матичната книга на родените. Проблеми настанал од моментот на хоспитализацијата.
„Притоа е пријавено со друго лице, со негови документи и при утврдувањето на ДНК практично се утврдуваат нови факти коишто бараат промена во институциите веќе на извод на матичната книга на родени и следствено на тоа да се издаде и извод од матичната книга на умрените. Така што, тоа е прашањето кое што се однесува во однос на ова лице, вели Спасовски.
Во врска со динамиката околу издавањето на новите лични документи со новото име Северна Македонија и дали ќе се успее граѓаните навреме да ги променат документите во утврдениот рок и дали можеби е малку предоцна се алармира за забрзување на постапката, Спасовски кажа дека уште на првиот ден кога стартувале со издавањето на документи било посочено дека има пет години за да се променат сите потребни документи.
В.Кр