Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски тврди дека при презентирањето на резултатите од анализата на исправноста на увезените домати од страна на Цветан Трифуновски од ВМРО ДПМНЕ помешани се микро со милиграми. Тоа дава погрешна претстава дека има недозволени количини на пестициди, односно присуство на тешки метали, што не е точни, вели Бобовски, според кој, сите резултати се негативни и се во рамки на дозволените количини.
-Ширење на паника е кривично дело. Сите анализи се со негативни резултати од присуство тешки метали. Не знам кој беше целта да се шири паника. При брифирањето некој некого прелажал, рече Бабовски.
Во однос на изнесените резултати од граѓанин, кој самиот побарал и платил анализа на увезени домати, во кои е потврдено присуство на пестициди, директорот на АХВ потврди дека се точни, но рече дека е погрешна постапката на кој е направена анализата.
Во таа анализа резидуум на пестициди се најдени. Податоците се точни, но начинот е незаконски на кој што е однесен примерокот. Граѓанинот требало да си поднесе претставка и инспектор по службена должност тој примерок ќе го однесе во лабораторија на анализа и на тој начин добиваме валиден резултат. Во случајов не можеме да знаеме што се случувало од пазарот до лабораторијата. Претставката се поднесува до Одделението за заштита на потрошувачите на АХВ и се однесува за благостојбата на граѓаните, изјави Бабовски.
Директорот изнесе податок дека минатата година до АХВ се поднесени 90-тина претставки од граѓаните и по сите е постапено. Од овој број 13 биле за квалитетот на храна од животинско потекло останатите се за храна од неживотинско потекло.
Неодамна во јавноста беа изнесени тврдења и споделувани копии од анализа на примерок на увезен домат од Албанија, со присуство на недозволени количини на пестициди. АХВ негираше дека вакви домати има на македонскиот пазар и дека се’ што се увезува во земјата, подлежи на контрола.