Со време од 14 часа, 36 минути и 17 секунди, штипјанецот Иван Радев прв ја помина патеката долга 107 километри на петтото издание од Охрид ултра треил маратонот, кој се одржа викендов.
За ММС тој вели дека не постои скратен пат за успех, ниту пак некоја специјална формула.
Мотивацијата заедно со напорните секојдневни подготовки, без посебни тренинзи беа пресудни за пред се да се заврши трката но уште повеќе и за да се постигне некаков значаен резултат, се е во подготовките, вели Радев.
Запрашан што значи овој успех за него, тој вели дека му е само дополнителна мотивација да продолжи понатаму.
Освен мотивација е и надеж дека со ова мое достигнување ќе придонесам уште повеќе луѓе во наредните години да се осмелат за истиот овој подвиг, не мора на 100 километри битно е да се има храброст и да се следат соништата. И јас пред ќетири години кога почнував не можев да истрчам ниту 1 километар без да застанам, а погледнете каде сум денес, потенцира ултрамаратонецот.
Според неговите зборови трката во Лаваредо, Италија исто како и минатата година и оваа е дел од неговите планови, каде ќе настапи за три ипол недели од денес.
Охрид ултра маратонот на некој начин е и последна подготовка за претстојниот во Италија. Ја имав среќата повторно да бидам извлечен за учество на Лаваредо така што се надевам дека оваа година ќе биде позитивен исходот, заврши Радев.
Инаку покрај Иван Радев на пиедесталот во Охрид, годинава се искачија уште и Македонецот Антонио Каранфиловски кој заврши како втор, додека третото место му припадна на Јапонецот Кеисуке Минами.
Во женска конкуренција славеше уште еден наш натпреварувач, Катерина Шиповиќ и тоа пред Ивана Јовановска, а место на подиумот имаше и за Сандра Ганглоф од Франција.