Матурантката Тијана Силјаноска од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид на 27.05.2023 не полагаше државна матура бидејќи од страна на Училишната матурска комисија на училиштето не е пријавена за полагање во Државен испитен центар.
Од Државниот испитен центар појаснуваат дека:
-Согласно законските и подзаконските акти за реализација на државната матура, учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во тековната година. Потоа следува процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка на податоци и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари. Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ. Во случајов од страна на комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска, велат од ДИЦ.
Државниот испитен центар, севели во соопштението, и понатаму останува отворен за соработка со сите матуранти и сите училишта и апелира до сите чинители во процесот на пријавување на државната матура многу внимателно да пристапуваат согласно нивните задолженија и надлежности.