Европската ракометна федерација соопшти дека го „ослободила од должност до понатамошно известување“ раководителот на Натпреварувачката комисија, Драган Начевски.
Одлуката ја донесе Извршниот комитет на ЕХФ на вчерашниот состанок, откако до Федерацијата стигнала информација од данската телевизија ТВ2 на 23 мај со сомневање дека македонскиот судија е вмешан во случај на местење натпревар.
-Според ТВ2, информацијата испратена до ЕХФ е добиена со организирање средба во јануари 2020 година со Драган Начевски и наводен бизнисмен, глумејќи намера да инсталира кинеска ракометна екипа во СЕХА лигата. Во рамки на средбата, која според ТВ2 била снимена со видео и аудио, била допрена и темата за местење натпревари. ЕХФ беше информиран од ТВ2 дека Драган Начевски на оваа средба повеќе пати одбил понуда за соработка при местење натпревари, но според дадените цитати не се оградил целосно од работата и затоа испратил погрешни сигнали, соопштува ЕХФ.
Европската ракометна репрезентација во соопштението објавено на официјалниот сајт, пишува дека било споменато оти анонимен извор, наводно поранешен меѓународен судија, изјавил за ТВ2 дека Драган Начевски побарал од него преку второ лице да намести натпревар.
-Не беа дадени датум или дополнителни информации за оваа наводна инциденца. Во изјава за ЕХФ, Драган Начевски напиша дека никогаш не бил вмешан во некакви местење натпревари. Со цел да се заштити интегритетот на спортот и институцијата, како и во интерес на целиот натпреварувачки систем, Извршниот комитет на ЕХФ донесе одлука да го ослободи Драган Начевски до дополнително известување од неговите должности поврзани со неговата функција во Комисијата за натпревари и Техничкиот судиски комитет, соопштува ЕХФ.
Од Федерацијата нагласуваат дека случајот целосно ќе биде истражен. Местењето натпревари за ЕХФ, не е прифатливо во ниту еден спорт, а на ниво на натпреварите на ЕХФ е суштинска повреда на основните вредности на Европската ракометна федерација, нејзините статути и прописи.