Вештачката интелигенција несомнено станува сè почеста тема во јавниот дискурс, додека владите се исправени пред предизвикот да ја вметнат во своите легислативи, но да не ги нарушат човековите права.
Ако до пред неколку години се зборуваше за потребата од медиумска писменост, денес ни треба писменост за вештачката интелигенција бидејќи и покрај бројните придобивки, таа може да ја поткопа демократијата во општествата станувајќи „сојузник“ на оние кои шират лажни вести и дезинформации. Ова се дел од заклучоците на денешните дебати во рамките на Светскиот конгрес кој го организира Интернационалниот прес институт (ИПИ).
Домаќин на дводневниот настан е Виена, каде се обединија новинари од целиот свет за да дискутираат како вештачката интелигенција може да фрли сенка врз нивната работа.
Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ порача дека регулацијата на вештачката интелигенција е слаба и треба да се внимава на човековите права. Таа информираше дека Европа веќе размислува да се формира и ново тело за оваа цел.
„Овде сме да зборуваме за потребата од регулација. Ни треба механизам за заштита, поради недостигот на едукација и информираност. Јас секогаш ќе бидам за тоа да се постават стандарди и насоки кои ќе им помогнат на владите“, рече Мијатовиќ во своето обраќање.
Според неа, веќе има институции кои се занимаваат со овие прашања, но и на самите нив им треба едукација бидејќи е тешко да се најде баланс.
„Тешко е да се одлучи накаде ќе се движите. Вештачката интелигенција не е нешто кое е измислено вчера, но проблемот е многу поголем од слободата на изразување. Последното нешто кое го сакам е да видам дека новинарите и слободата на изразување се загрозени. Нив мора да ги заштитиме“, додаде Мијатовиќ.
Американската новинарка, Џулија Ангвин го оцени пристапот на ЕУ како „интересен“ и посочи дека предлогот за кој се уште се дискутира, а кој се однесува на регулацијата на вештачката интелигенција е еден од најиновативните.
-Имаат нов закон наречен Акт за дигитални услуги кој стапува на сила оваа година и со него големите технолошки компании се обврзуваат да го проценат ризикот од нивната технологија и да го намалат тој ризик. Мислам дека тоа е вистински чекор напред, бидејќи во реалноста ние, кои не ги познаваме технологиите имаме проблем да ги разбереме сите можности кои ги имаат и штетата која може да ја направат – истакна Ангвин.
Одговарајќи на новинарско прашање дали и покрај придобивките, вештачката интелигенција може да ги наруши нашите права, таа нагласи дека всушност ние сè уште не знаеме на кои сè начини таа може да влијае врз нашите животи.
„Сè уште учиме што може таа да направи. Ние сите знаеме дека со неа може да се креираат дезинформации, лажни сценарија, да се клеветат луѓе. Има многу нешта кои веќе ги знаеме, но мислам дека всушност сè уште учиме“, додаде Ангвин.
Говорниците на Конгресот во Виена се едногласни дека вештачката интелигенција ќе го стави професионалното новинарство во уште поголем костец со пропагандите, а новинарите ќе мора да ја интензивираат својата работа за да имаат публика која ќе им верува.
„Новинарите веќе се натпреваруваат во една арена со многу дезинформации, а луѓето не ја разбираат разликата меѓу вистинското новинарство и грешната информација (мисинформација) која им се пласира. Новинарите мора да работат напорно за да докажат дека треба да им се верува, а тоа подразбира дека треба да објаснат како работат, какви методи користат и да докажат зошто треба да им се верува“, заклучи новинарката Ангвин од Њујорк Тајмс.
Извршниот директор на ИПИ, Фране Мароевиќ сепак не смета дека треба да стравуваме од вештачката интелигенција.
-Треба да бидеме сигурни дека таа може да биде регулирана на начин, кој ги заштитува фундаменталните човекови права. Ова е она за што зборуваме на овој настан на кој има новинари од целиот свет за да се слушнат нивните искуства од користењето на оваа технологија и како истата може да биде употребена за да се придобие публиката, за да поттикне истражувања, како би можеле да ја користат новинарите во секојдневието бидејќи оние кои ја користат за дезинформации и пропаганда, се веќе напред – рече Мароевиќ.
Тој потенцираше дека новинарите мора да ја променат професијата и наместо да бидат оние бидат оние кои известуваат што се случува, да бидат и оние кои исто така ги проверуваат фактите, да обезбедат анализи за она што се случува.
„Улогата на новинарите се менува. Тие исто така треба да покажат како дошле до заклучок, да покажат што го прави новинарството поразлично од дезинформациите и пропагандата. Новинарството се менува, но тоа отсекогаш се менувало и адаптирало на технологиите“, порача Мароевиќ.
Конгресот во Виена продолжува и утре, фокусирајќи се на теми за декодирање на дезинформациите со употреба на вештачка интелигенција; нејзиното влијание врз медиумскиот плурализам и информациите од јавен интерес, но и за тоа каде се вклопува новинарството во времето на Тикток.
На овој настан од светски рамки учествуваат и новинари од Македонија преку проектот на Институтот за комуникациски студии ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.
(В. Ми)