Пејачката Тина Тарнер, чии соул класици и поп-хитови како The Best и What’s Love Got to Do With It ја направија суперѕвезда, почина на 83-годишна возраст, пренесува BBC.
Тарнер претрпе голем број здравствени проблеми во последниве години, вклучувајќи рак, мозочен удар и откажување на бубрезите.
Таа се прослави заедно со сопругот Ајк во 1960-тите со песни меѓу кои Proud Mary и River Deep, Mountain High.
Се разведе од Ајк во 1978 година, и продолжи со успех како соло уметник во 1980-тите.
Наречена како кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше славна по своите бурни и енергични сценски изведби и моќен вокал.
Таа освои осум Греми награди и беше примена во Рокенрол Куќата на славните во 2021 година како соло изведувач, откако првпат беше примен заедно со Ајк во 1991 година.
Помладите ѕвезди кои го почувствувале нејзиното влијание се Бијонсе, Џенет Џексон, Џенел Мона и Ријана.
Родена во Тенеси, таа најпрво се прослави како една од водечките пејачи на бендот на нејзиниот сопруг The Kings of Rhythm.
Но, и покрај талентот и големиот успех физичкото и емоционалното малтретирање на Ајк го зема својот данок.
Токму тој го промени нејзиното име од нејзиното родено име, Ана Меј Булок, во Тина Тарнер – одлука што ја донел без нејзино знаење, еден пример за неговото контролирачко однесување.
Таа се присети на траумата што ја претрпела во текот на нивната врска во нејзините мемоари од 2018 година, My Love Story, во кои сексот со починатиот музичар го спореди со „еден вид силување“.
„Толку пати го користеше мојот нос како боксерска вреќа што можев да вкусам крв што ми тече низ грлото кога пеев“, напиша таа.
Откако избега од својот насилник, таа продолжи со својата кариера и стана една од најголемите поп и рок ѕвезди од 80-тите и 90-тите, со хитови како Let’s Stay Together, Steamy Windows, Private Dancer, темата за Џејмс Бонд GoldenEye, I Don’t Wanna Fight и It Takes Two, дует со Rod Stewart.
Таа, исто така, глумеше во филмот од 1985 година Mad Max Beyond Thunderdome – во кој беше прикажан уште еден нејзин хит, We Don’t Need Another Hero.
Среќата ја нашла со својот втор сопруг, германскиот музички директор Ервин Бац. Тие почнаа да се забавуваат во средината на 80-тите, а се венчаа во 2013 година.
Двојката живееше во Швајцарија, а Тарнер доби швајцарско државјанство. Тој ѝ донираше еден од неговите бубрези во 2017 година, откако беше откриено дека боледува од бубрежна инсуфициенција.
Таа, исто така, претрпе трагедија со самоубиството на нејзиниот најстар син Крег во 2018 година. Негов татко беше поранешниот колега од бендот на Тарнер, Рејмонд Хил.
Другиот син, Рони, чиј татко беше Ајк Тарнер, почина во 2022 година. Таа имаше и два посвоени сина, Ајк Џуниор и Мајкл, децата на Ајк од претходната врска.
Животната приказна на Тина е раскажана во биографски филм од 1993 година со наслов What’s Love Got To Do With It, кој и донесе на Анџела Басет номинација за Оскар за улогата на ѕвездата; Нејзиниот живот е раскажан и во документарецот на HBO -Тина во 2021 година.
Во интервју за Marie Claire од Јужна Африка во 2018 година, Тарнер рече: „Луѓето мислат дека мојот живот беше тежок, но мислам дека тоа беше прекрасно патување. Колку повеќе старееш, толку повеќе сфаќаш дека не е тоа што се случило, туку како се справуваш со тоа.”