Пресудата која за прв пат одреди затворска казна за полициска бруталност е преиначена во делот на затворска казна и повторно, како и во другите претходни случаеви, од Апелациониот суд е одлучено за условна осуда. Одредената затворска казна од 1 година се преиначува во условна осуда со обврска обвинетиот да не изврши ново кривично дело за време од 3 години по правосилноста на пресудата.
Ова денеска во соопштение го соопштија организациите Аваја и Ромалитико, кои потсетуваат дека случајот е добро познат на јавноста и датира од септември 2020 година кога Невзат и неговите 4 пријатели беа претепани од страна на полициски службеници во Битола. Случајот стана познат бидејќи беше снимен и објавен на социјалните мрежи. Во поддршка на ефективна пресуда беа организирани два големи протести, еден во Битола и еден во Скопје.
-За овој случај имаме две пресуди кои пресудија за сторено кривично дело малтретирање во вршење на служба и одредија затворска казна од 1 година за еден полициски службеник. Случајот беше бурно следен и од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Европската Комисија која побара ефективна пресуда и ја осуди полициската бруталност. Оваа пресуда требаше да биде преседан во одредување на затворска казна за полициска бруталност бидејќи сите други претходни пресуди за полициска бруталност ја одредуваат истата условна казна. Со одредувањето на условни осуди креираме средина во која полициската бруталност не се следи и казнува, а со тоа се намалува и довербата на граѓаните во полицијата и судовите. Оваа пресуда не беше значајна само за ромската заедница како заедница со повеќе случаи на полициска бруталност, меѓутоа и за целото општество бидејќи насилство не треба да биде дел секојдневното функционирање, соопштуваат од свете организации.
Со првата пресуда судот сметал дека со изречената казна затвор ќе се влијае на обвинетиот во иднина да не врши вакви или слични дела и дека со оваа казна ќе се постигнат целите на генералната и социјалната превенција, меѓутоа Апелациониот суд дојде до заклучок дека обвинетиот има кривична одговорност, но и можност да биде поблаго казнет. Според судот, целта на казнувањето може да се оствари и со предупредување со закана за казна-условна осуда која доволно воспитно ќе влијае на обвинетиот, а со тоа и позитивно ќе се влијае на планот за генерална превенција од вакви кривични дела. Судот смета дека условната казна затвор претставува адекватен општествен прекор.
Ромалитико и Аваја најавуваат дека ќе ги искористат сите правни средства што им стојат на располагање.