Најновата книга на професорот Андон Мајхошев „Медиумите во Штип: (И)сторија на подеми и падови“ по многу нешта е уникатна: По единствениот преглед на историските факти за штипското и македонското новинарство од фабричките весници до денешните современи дигитални публикации, но и по тоа што на едно место собира имиња, кои никогаш, во ниедна прилика не би ги сретнале под ист покрив.
Шегата настрана, но книгата на Мајхошев на 205 страни, која ја работел 18 месеци е истражувачко четиво, кое опфаќа развоен период на медиумите од над осум децении (1941-2023). Истражен е и периодот за време на окупацијата, НОБ и социјалистичката револуција, кога биле издавани весниците Искра и Народен глас и имале антифашистички и слободарски карактер. По истражувањето и направените 40 интервјуа, книгата е структурирана во 13 поглавја со вкупно 209 страни на кои се наоѓаат 145 фотографии на наслови страници на весници, редакции, новинари, книги пишувани од новинари, итн.
За книгата, професор Мајхошев првично се насочил кон анализа на фабричките весници и фабричкото новинарство кои се обележје на едно минато време. Меѓутоа, материјалот бил предизвикувачи за нешто повеќе. Професор Мајхошев и самиот вљубеник во новинарството некогаш дел од редакцијата на фабричкиот весник на “Македонка” (1985-1990 година), интересот кон насочил кон тогашните традиционални медиуми. На крај, дури 50 медиуми, нивната историја, луѓето кои поминале низ нив, настаните и развојот на градот Штип… сето тоа било нов предизвик за работа.
-Мотивот да се зафатам со медиумската историја во Штип е мојата желба да оставам нешто зад себе за медиумите кои некако како сите одбегнуваа да се зафатат со неа. Забележав дека новинарите во Штип, кои најдобро ја познаваат оваа проблематика одбегнуваат да истражуваат и немаат сила условно кажано да ги прашуваат своите колеги со кои долги години го делеле горчливиот новинарски леб. И тука почнува и новинарската суета. Јас немам никаква суета и со ниту еден новинар не сум замерен, иако со некои од нив престанав да комуницирам. Но, не зажалив што им пријдов и ги замолив за помош. И така се роди една од моите најдраги книги од вкупно тринаесетте колку досега имам напишано, ја почнува својата најнова приказна Мајхошев.
Неверојатна е бројката од 50 медиуми коишто работеле во децениите наназад. За какви медиуми станува збор?
-Појдовна основа на моето истражување е дефиницијата на медиуми согласно чл. 2 од Законот за медиуми. Дефиницијата е концизна и кажува што се припаѓа на медиумите, но кажува и што не припаѓа во категоријата медиуми. Кога почнав да истражувам немав претстава дека ќе дојдам до бројка од 50 медиуми. Се фокусирав на традиционалните медиуми, но не можев да ги одбегнам остантатите медиуми како што се разни информативни списанија, магазини, стручни списанија, средношколски весници и др. Знаев дека Штип имал многу медиуми, но не знаев дека ќе дојдам до 50 медиуми од сите видови: традиционални, стручни, специјализирани, медиуми на етничките заедници, универзитетските медиуми итн. Станува збор за 35 печатени медиуми, 9 радија и 6 телевизии. Денес функционираат само 9 медиуми. Еден од нив е и Канал 77.
Како што се „отворале“ поглавјата за медиумите еден по еден, кај Мајхошев растеле желбата и амбицијата за истражување.
-Кога ќе завршиш успешно една работа ти јавува интерес задруга работа. Кога завршив со фабричките весници долго размислував дали да продолжам понатаму. Самиот се охрабрив и си реков одам понатаму. Стиснав заби и дадов се од себе за да дојдам до финалето. Кога ја завршив книгата се прашував: да не си испуштил нешто и некого, бидејќи станува збор за суетна професија-новинарство. Некои информации ги проверував по неколку пати. Не сакав да оштетам никој и секој којшто се занимавал со оваа професија, сакав заслужено да биде спомнат. Ако некој случајно е испуштен, јавно кажувам, дека не е со намера и се извинувам. Периодот е долг, а имињата се многу. Не жалам за вложениот труд, бидејќи направив добра работа за штипското и македонското новинарство. Создадов база на податоци на сите медиуми, го систематизирав персоналниот состав на медиумите, создадов регистер на новинари, медиумски работници и медиуми по видови и периоди и друго.
Фабричките весници се чекаа како жеден вода
На прашањето зошто фабричките весници беа популарни некогаш, веројатно логичен одговор е дека тогаш немаше комерцијални медиуми. Професорот Мајхошев, присетувајќи се, вели дека луѓето беа гладни за информации. Излегуваа само Нова Македонија и Вечер, а од електронските медиуми, беа достапни сервисите на МРТВ. Друг аргумент, колку и тоа апсурно да звучи во време на дигитални апликации е што не секој можеше во својот дом да има радио или ТВ приемник. Купувањето на телевизор, во тоа време, беше празник.
-Затоа повеќето луѓе беа свртени кон печатените медиуми. Фабричките весници беа популарни, не само затоа што беа бесплатни, туку вработените се идентификуваа со својот работен колектив, сакаа да прочитат за резултатите од работењето, за најдобрите работници, за прогласените ударници, за културниот и забавен живот во колективот итн. Јас потекнувам од родители кои работеле во „Македонка“. Кога тие ќе донесеа весник јас и мојот брат се каравме кој прв ќе го прочита. Слично беше и кај нашите соседи. Откако ќе го прочитаме го дававме на соседите од други работни колективи и тие да читаат. А ние пак ги позајмуваме фабричките весници од другите работни колективи. Ние го позајмувавме од соседите весникот „Астибо“ и „Здравје“. Весникот носеше радост и создаваше позитивна атмосфера во домовите на вработените. Со радост го чекавме излегувањето на следниот број на весникот „Македонка“ за да видиме дали некој што го познаваме ќе биде спомнат. На пример, весникот „Македонка“ го читале и во соседните градови: Свети Николе, Пробиштип, Кочани, како и учениците во средното текстилно училиште во Тетово. Освен весникот „Македонка“ и „Астибо“, други работни колективи кои имаа свои информативни гласила беа и „Црвена Sвезда“, „Макпромет“, „Балкан Експрес“, подоцна „Исток транс“ и „Здравје“ весник на вработените на Медицински центар-Штип.
Весникот „Здравје“ исто така беше многу популарен, бидејќи третираше стручни теми, кои ги користеа учениците од Средното медицинско училиште во Штип во совладување на наставното градиво. Фабричките весници беа читани и популарни бидејќи во центарот на информацијата беше работникот, неговите потреби, неговите резултати, неговите проблеми итн. Речиси сите фабрички весници имаа и катче за разонода, но и можност да креираат свои креативни творби (песни, карикатури, раскази, афоризми, вицеви, да пишуваат вести и кратки информации). Тие беа и еден вид уредници на својот весник.
Во што е вредноста на новинарството и медиумите во годините наназад?
-Сите медиуми, особено печатените се колективна меморија на општеството. Тие ги регистрирале, раскажувале и коментирале настаните во градот и претпријатијата. Новинарите преку своите медиуми ја пишуваат историјата на градот. На пример „Штипски весник“ бил издаван 27 години и излегол во 400 броја. Во нив се прикажани и забележани најважните политички, економски, социјални настани во Штип. Јас, прелистувајќи ги весниците за потребите на моето истражување сум заборавил многу настани, дури и во тие во кои самиот директно сум учествувал. Времето го брише паметењето кај луѓето, но весниците се тие кои ја чуваат колективната меморија на институциите, општеството, историјата. Кога откривав интересни случки во весниците ги прашував новинарите дали се сеќаваат на тоа што го пишувале. Многумина од нив одговорија дека не се сеќаваат. Медиумите се чувари и креатори на колективната меморија на градот. Тоа е културно-историско наследство кое треба љубоморно да се чува и негува.
Како може да го опишете и споредите некогашното новинарство со денешното?
-Фабричкото новинарство е врвот на новинарството во Штип, па и во државата се разбира и Нова Македонија. Да не бидам погрешно сфатен. Штип има одлични радио и ТВ новинари. Но, да пишуваш за печатен медиум тоа е нешто посебно вредно. Редакциите на фабричките весници беа своевиден Универзитет на студии по новинарство и новинарска работилница. Пристапот бил многу одговорен во секоја информација, со изразен етички пристап во информирањето. Дури сум изненаден и од нивното графичко и техничко уредување. Во весникот Македонка и Астибо забележав дека новинарите кои работеле во тие редакции имале извонредни аналитички текстови од повеќе сфери и новинарски жанрови. Голема заслуга за развојот на овој вид новинарство покрај новинарите има и г-динот Михаило Нетков, кој својата кариера ја започнал како економист во „Македонка“. Воедно тој бил иницијатор за основање и издавање на фабрички весник. Тој бил и првиот главен и одговорен уредник на весникот „Македонка“ во периодот 1958-1961 година. Михаило Нетков е човек кој има голема заслуга во развојот на весникот и создавањето на редакција, која во еден период таа достигна број од седум професионално вработени лица (секретар, графички уредник, професионални новинари, фотографи и сл.) и десетина соработници. Квалитетот на весникот Македонка би го споредил со квалитетот на најпознатите македонски и југословенски весници од сите аспекти (квалитет на уредување, квалитет на текстови, техничко уредување). Исто е и со весникот „Астибо“. Овој човек како генерален директор на МК „Астибо“ има заслуга и за основањето и развојот на весникот и редакцијата. Заслужен човек, кој никој не го спомнува јавно за создавање на професионална редакција на „Штипски весник“ има професорот Ангел Костадинов (Кнчо), кој како претседател на СИЗ за култура активно се залагал за професионализација и зголемување на редакцијата на „Штипски весник“.
Мајхошев: Новинарите порано беа поетички и поодговорни
Прашан да направи споредба меѓу новинарството некогаш и сега, професор Мајхошев, кој ја раководи Катедрата по медиумски студии на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, вели дека разликата е голема.
-Разликата е во примената на етичкиот кодекс на новинарите. Мислам дека порано имавме поголемо етичко новинарство, а сега не е така. Порано новинарите беа поодговорни во вршењето на своите професионални обврски и почитувањето на професионалниот етички кодекс, а денес повеќе се раководат од профитот и личните позиции и доближување до политичките и бизнис елити заради привилегии и моќ.
Во книгата опфаќате традиционални медиуми, но и неминовно и луѓето кои работеле во нив. Колку новинари се тоа, нивна едукација, квалитет (ако може да се оцени) и секако споредбата со други средини, градови?
–Штип бил важен медиумски центар. Имал развиен систем на информирање и пејзаж на печатени медиуми. После Скопје, убеден сум дека Штип е втор град во Македонија по број на медиуми, но и по број на квалитетни новинари. Мое мислење е дека Штип е пред Битола, иако тој бил скоро двојно поголем град. Штипските новинари се авангарда на македонското новинарство. Работеле, односно биле дописници во многу важни медиуми од републички и сојузен ранг, како што се: Нова Македонија, Вечер, СКОК, Утрински весник, Дневник, МРТВ, Трудбеник, Привредни преглед, Вечерње новости, Борба, Политика, Спорт, Радио Скопје, Телма, Сител, МИА, Канал 5, Остен ….и др. Порано во редакциите имало новинари со средна школа, но биле вредни, одговорни и етични. Денес, во Штип речиси во сите редакции новинарите се со високо образование. Денес новинарите се едуцирани и лесно се снаоѓаат во ерата на дигиталната технологија. Од моето истражување дојдов до сознание дека во периодот 1945-2023 година во штипските медиуми продефилирале 174 лица, од кои како новинари работеле 110 лица, од кои во професијата подолго се задржале 60-тина новинари. Исто така, 31 лице работеле во продукција на радио и телевизиска програма, 16 биле технички уредници, 14 камермани и 6 фотографи. Во моментот во Штип во сите медиуми работат околу 50 медиумски работници (35 новинари и 15 лица кои работат во продукција на програма). Сите сопственици, уредници, новинари и медиумски работници се заслужни за развојот и опстојувањето на медиумите во Штип. Од новинарите посебно би ги издвоил: Спиро Прилепчански, Иван Бојаџиски, Љубомир Катниќ, Павле Георгиев, Ванчо Ристов, Кирил Манев, Нада Накова, Љупчо Шатевски и др. кои го трасираа патот на помладите генерации новинари. Од основачите на медиуми кои се заслужни за новинарство и медиумите би ги спомнал Горан Гаврилов од Канал 77 и Симеон Марјанов од ТВ Стар. Оние кои не се спомнати во ова интервју спомнати се во книгата како заслужни за оваа професија и да не ми се налутат.
Горан Гаврилов и Канал 77 првите ластовички на плурализмот
Промената на општествениот систем во тие рани 90-ти на минатиот век, доведе и до промена во медиумското милје. Се појави и медиумскиот плурализам, кога системот со неколку државни медиуми, го замени тој со конкурентни и бројни приватни медиуми. По телевизијата Теко, која беше првата приватна телевизија на Балканот, Штип го доби радиото Канал 77, за почеток, локлна радио станица, со силни амбиции да ги помине границите на Штип, во што и успеа во следните години. Професор Андон Мајхошев во својата книга „Медиумите во Штип: (И)сторија на подеми и падови“ ќе ги забележи промените што ги донесоа овие медиуми.
-Пионери и први ластовици на медиумскиот плурализам во Штип е појавата на ТВ Теко, која воедно е прва приватна телевизија на Балканот. Појавата на Канал 77 кај многу штипјани, па и кај мене предизвика симпатија. Дури јас лично честопати се јавував во контактните програми на Канал 77 особено оние од забавен карактер за да дадам придонес да се развива овој медиум. Тие се предвесник на медиумскиот плурализам не само во Штип туку и во Републиката. Основачот на медиумот, г-динот Горан Гаврилов, кој за жал не е повеќе меѓу нас, го почувствува времето и создаде моќен медиум кој е прв приватен медиум во Македонија со национална концесија. Важен момент за историјата на медиумите во Штип се и списанијата кои излегувале во рамките на Домот на млади во Штип: Флаш и Патент кои биле уредувани и подготвувани од Клуб на млади новинари во Штип од кои 5 активни млади новинари станаа професионални новинари (Д. Ефремов, С. Асамбелески, Б. Лазаров, Т. Јованов и Д. Ристов кој цртал стрип во Патент. Важен човек кој одиграл важана улога за овие медиуми има и Божидар Симоновски (Бошко) кој бил одговорен уредник. Од печатените медиуми предвесници на медиумскиот и политичкиот плурализам беа весниците: Опсерватор (1991), Штипско огледало (1994), Јавност (1994), Панорама (1996), БИС (2001), Исток (2002), Арманамеа билтен на влашки јазик (2002), Штипски глас (2008), Универзитески весник (2009), Студентско Ехо (2011), Штипски мозаик (2013), Текстилец (2017), Бруцош (2019 и 2021), повеќе средношколски весници и специјализирани списанија. Од радијата покрај Радио Штип, важни медиуми биле: Канал 77 кој достигна високи стандарди во информирањето и вршењето на професионалните обврски, потоа Радио Лав (1994), Радио Антонио (1994), Радио Черења (1994), Радио Тернипе, Радио Достлогунсеси (1994), Радио УГД ФМ (2009), Радио Енџелс ФМ (2010). Од телевизиите прво се појави ТВ Теко (1991), ТВ Ирис (1994), ТВ Стар (2001), Канал плус (2015), М-Нет (2020).
„Новинарите за слободата постојано се борат и гинат“ (А.Мајхошев)
По 32 години на демкратска новинарска сцена, имаме ли послободни медиуми, послободни граѓани и општество?
-Слободата на медиумите не е категорија која е дадена еднаш за секогаш и се движи по константна линија. Таа има синусоидно движење. Ако денес слободата на медиумите е на врвот од синусоидата, утре таа може да биде на најниската точка од синусоидната крива. Таа не се добива на дланка, туку за неа новинарите постојано се борат и гинат. Едноставно медиумската слобода е процес кој тече и не застанува. Секој ден новинарите се борат да се ослободат од стегите на политиката, сопствениците и уредниците. Не можам да сфатам како некои неодговорни новинари лесно си ја продаваат таа слобода. Слободата на медиумите е столбот на демократијата во општеството. Според мене немаме вистински слободни медиуми. Во Македонија има делумна слобода на медиумите. Сликата за ова постепено се поправа, но сепак сеуште сме далеку од слободни медиуми. За да имаме слободни медиуми новинарите треба да бидат добро наградени и да имаат високи плати. Таму каде што материјалната положба на новинарите е ниска, царува самоцензурата што според мене е уште поопасна од цензурата. Новинарите се тие кои се самозаробуваат, но и самоослободуваат. Новинарските асоцијации во РМ треба енергично да застанат зад чувањето на слободата на медиумите. Тие, а посебно ЗНМ како најрепрезентативно здружение на медиумските работници се бори за слободата на медиумите, но тоа треба да го прави поенергично.
Слободата на медиумите зависи од политиката, но зависи и од професионалниот интегритет на новинарите. Тие се најважната алка во борбата за слободата на медиумите, а потоа се другите фактори. Демократијата во нашата држава е во сериозен застој иако Уставот на РМ според мене е демократски. Ако во едно општество демократијата стагнира или опаѓа тоа неминовно се одразува и на слободата на сите граѓани во општеството. Демократските процеси во државата се во застој да не речам закочени и стоиме во место. Медиумите се тие кои со својата моќ можат да ги размрдаат и раздвижат политичките процеси и за’рѓавениот политички систем во државата. Моќта на медиумите ја препознал францускиот император Наполеон Бонапарта кои повеќе од два века има кажано две многу значајни сентенци, кои до дене се актуелни за важноста на печатените медиуми во тој временски контекст: „Четири непријателски весници можат да бидат поопасни од стоилјадна војска” и “Кога би ги пуштил уздите на печатот, не би се одржал на власт ни четири месеци”, завршува професор Мајхошев.
Книгата „Медиумите во Штип: (И)сторија на подеми и падови“, ја очекува својата промоција на манифестацијата Штипско културно лето, во организација на Општината Штип, која помогна во нејзиното печатење. Мајхошев вели дека оваа книга им ја посветува на сите новинари кои секојдневно се борат со разни центри на моќ за вистината и кои заедно помогнале да се допрецизираат фактите, кој ја обележуваат оваа повеќедецениска историја.
Промотор на книгата ќе биде познатиот професор по новинарство проф. д-р Живко Андрески, кој воедно е и рецензент на книгата заедно со проф. д-р Јадранка Денкова од УГД-Штип.
(В.К).