По кусо боледување ноќеска почина кралот на ромската музика, Ферус Мустафов(72).
Веста за неговата смрт рано утрово ја дознале и членовите на неговото семејство, кое низ солзи за ММС ни раскажа дека сите се молеле за неговото здравје, што побргу да се разбуди од кома и да излезе од болница.
-Починал ноќеска, нам лошите вести утрово ни ги кажаа. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави и ќе ни се врати, но за жал ни замина. Пред некој ден ни рекоа дека малку е подобар и затоа се надевавме дека сепак се ќе биде во ред, низ солзи за ММС рече неговата сопруга Јелена.
Ни кажа и дека по негова желба погребот ќе биде во Штип, каде е роден и каде последните години живееше со семејството.
-Многу пати досега кажал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во Штип. Тоа е негова последна желба и ќе му ја исполниме. Не можам да верувам дека ни замина. Секогаш беше силен, мислевме дека и сега ќе го надмине здравствениот проблем, ама толку било, рече за ММС Јелена.
Ферус имаше мозочен удар на 26 април и од тогаш е во болницата „8 Септември“. Неговиот внук Ферчо тогаш за МС рече дека бил на почетокот бил добар, но потоа му се влошила состојбата и го ставиле во вештачка кома.
-Само ни кажуваат критично е. Дедо ми има четири бај паса и два стента, а и срцето му е слабо. Имаше пред една година мозочен удар и редовно земаше лекови за да не му се повтори. Ама некој доктор му ги тргнал од терапија и два месеци не ги пиел. Сите лекари ни кажаа дека ова се случило зашто не ги пиел лекарствата. Параметрите му се менуваат од час во час. Ќе се јавиме ќе кажат подобар е, па ке се израдуваме и после обратно. Секогаш различно. Но, сите велат дека не е добро. Останува да се молиме на Господ и знам, дедо е јак ќе се врати, рече тогаш за ММС Ферчо и додаде дека утрото кога му се слошило, кога паднал го нашла ќерка му Мелек, веднаш го повикале синот на Ферус, Илми, кој го однел во болница.
-Дедо ми е позитивен човек, не се дава, јак е и затоа сите се надеваме дека ќе ни се врати. До последен момент беше активен. Два дена пред да му се слоши беше во Србија, беше инструментите да ги поправа, бидејќи почнува сезона на свирки и свадби. Но, дај Боже се да биде во ред, ние нема да му дозволиме веќе да работи. Дај Боже да се разбуди, изјави тогаш внукот на Ферус, Ферче за ММС.
(В.М.)