Поскапува паркирањето на осум места во центарот на Штип. Со одлука на Управниот одбор на ЈП „Стипион 2011“, по 30 денари час и по 30 денари на секој нареден, ќе се плаќа за паркирање на платформите по текот на реката Отиња и тоа: двете платформи кај Трговскиот центар, кај ООУ „Ванчо Прке“, кај Народниот театар и на платформата кај Здравствениот дом. Потоа, поскап паркинг ќе се плаќа за местата на општинската зграда, на Плоштадот на пријателството и на сите паркинг местата надолжно покрај Градскиот плоштад.
Овие паркинг зони се означени како хуманитарни зони и буквата Х. Од собраното од оваа зона, 20% се наменети за хуманитарни цели.
-За ова ЈП „Стипион 2011“ ќе склучи посебен договор, пишува во одлуката. Со кого и како, не е објаснето.
На 20 други зони низ градот одбележани за паркирање се плаќа по 20 денари и секој нареден час по 15 денари.
За дневна карта се плаќа 80 денари, додека за станарите од Зона А, годишно се плаќа по 1000 денари за прво возило, 2000 за второ и 3000 денари за трето возило. За вработените во фирмите и институциите, годишниот надомест за паркирање е 2000 денари, додека за тие што вршат достава на стока, 3000 денари годишно. Универзалната годишна паркинг карта изнесува 5000 денари.
За време на Пастрмалијадата, според измените на Ценовникот за паркирање, ќе се наплаќа по 80 денари.
В.К.