Сите заинтересирани млади лица на возраст до 29 години имаат можност до 22 мај да се пријават за учество во Програмата за медиумска обука „Дезинформации и проверка на факти“, која што ќе се одржи од 24 до 26 мај во Штип. Обуката што ќе се одржи на англиски јазик е отворена за младите од Источниот и Североисточниот регион на земјава, и тоа не само за младите новинари, туку и за сите студенти и млади лица кои имаат интерес да стекнат знаења во делот на проверката на факти. Пријавувањето за обуката може да се направи преку пополнување на формуларот на следниов линк: https://icfj.tfaforms.net/4995004.
Младите имаат можност да учествуваат бесплатно на оваа обука, а за сите оние што не се од Штип, обезбедено е покривање на трошоците за превоз, сместување и храна за време на трите дена од обуката.
Притоа, најдобрите учесници претстојново лето ќе имаат можност за практиканство во медиумите на Метаморфозис: Мета, Порталб или Вистиномер, а двајца млади ќе имаат можност да поминат еднонеделна студиска посета во САД. Ова е четврта обука која ја организира Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ).
Обучувач на четвртата обука „Дезинформации и проверка на факти“, меѓу останатите, ќе биде еминентниот новинар Џон Гринберг, дописник на PolitiFact. Гринберг бил дел од тимот на PolitiFact за време на претседателските избори во 2012 година и е еден од проверувачите на факти кои го основаа PunditFact во 2013 година – проект посветен за проверка на точноста на тврдењата на експерти, колумнисти, блогери, политички аналитичари, водители и гости на ток-шоуа. Гринберг два пати бил добитник на награди од Здружението на професионални новинари за истражувачко известување. Покрај Грибнерг, обучувачи ќе бидат и Владимир Петрески, уредник на Вистиномер.мк, и Мери Јордановска, заменик-главен уредник на Новинската агенција Мета.
Меѓународниот центар за новинари и Фондацијата Метаморфозис го спроведуваат проектот во три фази во текот на 2023 година и тој вклучува четири тродневни работилници. Обуките се дел од програмата „Новинарство за новата генерација: Програма за медиумска обука“ на Фондација Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.