Со години македонската држава го прогонуваше и затвораше некогашниот велешки и повардарски митрополит на Македонската православна црква Јован (Зоран Вранишкоски) кој со група свои приврзаници во 2002 година се издвои од МПЦ а малку подоцна ја формираше и Православната охридска архиепископија (ПОА). Неговите аргументи беа дека МПЦ треба да стапи во канонско единство со Српската православна црква (СПЦ) како мост за стапување во такво единство со останатите православни цркви во светот.
Во бурни и напнати околности Соборот на Српската православна црква му додели чин Митрополит велешки и повардарски и егзарх на автономната Охридска архиепископија, (а по формирањето на Светиот архиерејски синод на ПОА, во 2005, и Архиепископ охридски и Митрополит скопски, Претседател на Синодот на ПОА), додека во Скопје и Битола се одвиваше незапаметен општествен и медиумски линч врз него, неговото семејство и неговите поддржувачи – вкупно 18 на број. Податок кој сам по себе говори за „ересот“ што според нашата држава го правеше Вранишкоски и за општата мобилизација на сите домашни сили тој да биде изолиран, замолчен и засрамен.
Денес, Вранишкоски се враќа „на бел коњ“. По дваесетина години од создавањето, Православната охридска архиепископија на Јован Вранишкоски, која беше дел од Српската православна црква а создадена како паралелна црква во Македонија, престанува да постои како самостојна црковна единица и се обединува со Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Официјалната интеграција се очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кон средината на овој месец.
Малку кој може да му се радува на овa, a најмалку Вранишкоски.
Но да го видиме краткиот историјат: Вранишкоски, владика и тогашен член на Светиот синод на МПЦ, го поддржуваше Нишкиот договор. Откако Светиот синод на МПЦ го отфрли тој договор, Вранишкоски го прифати повикот на СПЦ за повторно обединување од 20 јуни 2002 година. На 21 јуни 2002 година јавно објави дека е подготвен за канонско соединување со СПЦ.
Тоа предизвика реакција во јавноста, пред се во Битола каде што Вранишкоски и неговите истомисленици користеа простории во згради за домување за верски обреди. Еклатантен пример за тоа беше сослушувањето на сведоци од становите во зградата каде користеше стан Вранишкоски, како дел од истрагата против него во 2004 година.
Станарите тврдеа дека се вознемирувани од сестринството на Вранишкоски, Епископот Марко и одметнатите монаси. „Зградата е посебна институција и секој не може да прави што сака во неа, тука си има посебни правила. Црквата е бања која треба да ни ја измие душата кога човек ќе појде таму, а не да вака да не вознемируваат“, беше една од реакциите.
На 5 јули 2002 година, Светиот синод на МПЦ го разреши Вранишкоски со образложение дека со неговото еднострано пристапување во СПЦ, тој ја прекршил заклетвата со која се обврзал да го чува единството и Уставот на Црквата. На 23 септември 2002 година, СПЦ го прогласи за ништовно разрешувањето на Вранишкоски и го назначи за „егзарх на пеќскиот архиепископ и патријарх на Србија за сите епархии на Охридската архиепископија“.
Црвен аларм од Стејт департментот
ПОА никогаш не беше признаена од македонските, не само црковни туку и од световните власти, а Јован во неколку последователни судски процеси беше осуден на две години затвор заради затајување данок во 2012 година, и дополнително на уште три години затвор во 2013 година. За цело време беше прогонуван и од медиумите и од државните и црковните институции. Потписниците на нишкиот документ, тројцата владици Петар, Наум и Тимотеј ретерираа, а договорот од Ниш го бранеше само Вранишкоски, со што стана главната фигура кон која се насочи гневот.
Случајот отиде и на Европскиот суд за човекови права кој пресуди во корист на Вранишкоски и неговата црква, за што македонската влада поднесе жалба. Пресудата на страна на Европскиот суд за човекови права во полза на неговата Православната Охридска архиепископија, како и осудата на Македонија за тие дејствија беа и тогаш забележани во извештајот на американскиот Стејт департмент.
Однос без преседан
Сето тоа не ја одврати македонската Влада да продолжи по патот на нетолеранцијата и кршењето на човековите индивидуални и колективни права, демонстрирајќи го тоа со вложување жалба на одлуката на Европскиот суд за човекови права. Жалбата беше одбиена и Судот остана на својата одлука дека власта во Македонија, со одбивањето да ја регистрира, ги нарушила правата на Православната Охридска Архиепископија.
Неговата пресуда беше дека власта во Македонија ја нарушила Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаменталните слободи на Советот на Европа, што ја вклучува и обврската да се постапува неутрално и непристрасно кон верските групи.
Имаше уште многу фаули кон, грубо кажано, нашата македонска верзија на црковен Џулијан Асанж: одземање на пасош без објаснување кога сакал да ја помине границата кон Грција, несоодветен третман во затворот кој резултираше со влошено здравје, судски пресуди и против неговата мајка и сестра, обвинување за ширење на верска омраза, конфискување на имоти кои тој прецизно ги документираше во допис до судството.
Ваквиот однос е без преседан во досегашната 30-годишна историја на независна и самостојна Македонија.
Вранишкоски и ден денес може да го најдете во неговото битолско Нижеполе. По она на што беше изложен во минатото во својата држава (речиси петгодишна затворска казна), тој е со значително нарушено здравје и лимитирани физички способности. Но, за среќа уште има бистар ум, велат луѓе од неговото опкружување. Денес не се надевал на ништо освен да го задржи статусот на епископ. За него црковната кариера е завршена иако е на релативно млада возраст, има само 57 години, што во црквата не се смета за старост или пречка за напредување во црковната хиерархија.
Важно е да се каже и дека приказната за Јован Вранишкоски и за неговите следбеници доби среќен крај не затоа што македонското општество си ја увиде грешката туку затоа што настапија процеси во поголемата слика, кои водеа до позитивна разрешница. Тука е важно да спомнеме дека настаните за првпат добија поинаков тек кога во декември 2014 година рускиот митрополит Иларион дојде во посета на Македонија каде се сретна со поглаварот г.г. Стефан, со тогашниот премиер Груевски и со претседателот Иванов, од кои побара Вранишкоски да биде пуштен од затвор. Барањето беше исполнето на тој начин што македонските црковни власти побараа помилување за Вранишкоски.
Иако јавно не беше соопштено, македонската страна за возврат тогаш побарала Руската православна црква да ја притисне Српската православна црква за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква. Јован беше пуштен, и беше земен во Москва на лекување. Но, руската црква тогаш не го исполни својот дел од „договорот“ и беа потребни нови десет години за да се дојде до сегашниот пресврт.
Тие што го познаваат Вранишкоски велат дека се работи за начитан, сестран, образован, културен и кроток човек. Привлекува внимание неговиот одмерен јазик кога зборува за прогонството на кое беше изложен во неговите најубави животни години, отсуството на триумфализам во гласот и во пораките, и спокојството со кое го прифати фактот дека за својата држава беше цели две децении персона нон грата во секоја смисла.
Иако Јован денес е на слобода, останува горчливото чувство дека во Македонија се спроведуваше прогон поради декларирање на поинакво верско определување од црковниот меинстрим во државата, а сето тоа – во една чудна симбиоза меѓу државата и црквата.
извор: Respublica
фото: Дарко Андоновски