Извинување и оставка од министерот Фатмир Меџити за изјавата за добрите услови и хигиената во Општата болница во Кочани бараат дел од граѓаните по неговата посета на објектот минатата недела. На социјалните мрежи се опипува пулсот за организирање на протест од граѓаните, кои се сомневаат дека констатацијата дека кочанската болница има добри услови за работа, се со цел да не се дадат пари на болницата за реконструкција.
Министерот за здравство по неговата посета на Општата болница во Кочани напиша дека „болницата е со добра инфраструктура, хигиената се одржува на високо ниво“.
-Кочанската болница има капацитет да овозможи квалитетни здравствени услуги, а наш заеднички предизвик е зајакнување на кадарот со цел пациентите да добиваат здравствени услуги од секундарно ниво поблиску во своето место на живеење, објави Министерството за здравство.
Веќе подолго време граѓаните на Кочани реагираат за состојбите во болницата, опременоста, инфраструктурата и недостатокот на лекари и медицински персонал.
фото: Министерство за здравство