Гласни се реакциите на радовишани откако во градот последните месеци значително е зголемен бројот на уличните кучиња. Ги има речиси насекаде, но најмногу во централното градско подрачје – по јавните зелени површини, детски паркчиња но и пред училишта.
Сѐ почесто може да се слушнат и поплаки од граѓани кои тврдат дека биле нападнати или каснати од кучиња без да добијат отштета за тоа.
Граѓанка на Радовиш, за „Локал Актив“ тврди дека таа неодамна успеала да се спаси од глутница кучиња. Но, нејзини блиски роднини имале поинакво искуство шетајќи низ градот:
„Искрено не се чувствувам безбедно. Јас бев нападната, но нападнат беше и мој близок -татко ми беше каснат од кучиња два пати во рок од месец и половина. Тој беше дури и во болница, прими вакцина имаше отекување и компликации. Двата случаи се пријавени, но немаме отштета. За првата тужба што ја поднесовме поднесена е жалба, а за втората го чекаме епилогот од првиот случај. Мајка сум на две мали дечиња и страв ми е да ги пуштам сами – едноставно не се чувствуваме безбедно треба да се најде решение“, вели младата радовишанка која сакаше да биде анонимна.
Ваква приказна споделуваат и други жители на градот. Според една граѓанка, нејзиниот сопруг бил двапати каснат и заглавиле во судските лавиринти. За вториот случај тврди дека дури и не покренале судска постапка бидејќи повеќе од една година чекаат епилог за првиот случај:
„Најмногу глутници има во раните утрински часови, а не се преземаат мерки. Тужевме, но сѐ уште немаме одговор за нашиот случај – од општината се жалеа до Апелација во Штип. Ние, по лекови и болници даваме пари, делото сѐ уште не е вратено од Штип. [Сопругот] беше каснат на 14 февруари и 4 мај минатата година”.
Информација побаравме од радовишката полиција. Во Одделението за внатрешни работи во Радовиш, минатата година биле пријавени 19 случаи на каснати граѓани на територијата на оваа општина -16 од нив биле случаи на улични кучиња.
„Сите настани се евидентирани и оштетените се упатени на понатамошна постапка – да ја водат преку надлежните институции“, соопштуваат од ова Одделение.
Од радовишкиот Основен суд, преку барање до слободен пристап на информации од јавен карактер, за „Локал Актив“ одговорија дека минатата година во АКМИС системот се регистрирани четири предмети со барање за отштета од граѓани каснати од улични кучиња.
„Од поднесените тужби, во еден предмет барањето е одбиено како неосновано, по поднесена жалба предметот е доставен до Апелацискиот суд на одлучување и сѐ уште не е вратен. Во два предмета барањето е делумно уважено. Поднесена жалба и сѐ уште не е донесена одлука од Апелацискиот суд во Штип. Предметот кој му е делегиран на Основниот суд во Радовиш, каде што е тужена општина Штип, е во тек и не е донесена одлука за него“, се вели во одговорот од радовишкиот суд.
Институционална одговорност
Во последните шест години, според податоците на Општина Радовиш, за собирање, згрижување и стручен третман на кучиња скитници биле потрошени околу 2.850.000 денари – 46300 евра.
На сите распишани повици за јавни набавки од 2017 до 2022, тендерот го добива неготинската ветеринарна станица „Неготино ДООЕЛ“. Таа го доби тендерот за заловување на уличните кучиња и за 2023 година.
Сумата која треба да се потроши за оваа намена годинава е од 500 000 денари. Од фирмата побаравме, но не успеавме да добиеме одговор дали овие средства се доволни да се реши проблемот со уличните кучиња во Радовиш
Раководителот на одделението за животна средина во општина Радовиш, Томе Даневски вели дека секоја година издвојуваат пари за заловување и хуман третман на уличните кучиња:
„Во таа насока и планираме да продолжиме – нашата цел е на овој начин, што поголем број од нерегулираните и слободни кучиња што се движат низ градот да бидат соодветно третирани и транспортирани до правен субјект кој е легитимно регистриран за таа работа – таму тие се третираат, вакцинираат има повеќе третмани кои подлежат. Таму каде што ќе се оцени дека некое куче има сериозно заболување или сериозни комплексни здравствени ситуации кои
можат непријатно да влијаат на средината за жал, мора да се пристапи кон нивно умртвување, се надевам дека таквиот број не е голем“.
Диневски тврди дека кучињата кои не се здравствен ризик за заедницата се обесплодуваат и се вакцинираат и се враќаат повторно на улица, бидејќи кучињата кои биле изложени на ваков третман повеќе не претставуваат проблем за улиците во Радовиш.
Тој тврди и дека Општината има издвоено пари за обештетување каснати граѓани кои по судски пат бараат надоместок за претрпен страв и повреда – доколку низ тој процес е тужена општината и доколку се докаже повредата.
Како што тврди, имало исплати за граѓани кои биле каснати од кучиња. Сепак, вели дека не располага со податок колку пари се искористени за таа намена. За тоа колку пари Општината има исплатено побаравме одговор согласно законот за пристап до јавни информации.
Според укажувањата на институционалните претставници, значи, се прави сѐ за да се задоволат барањата на граѓаните за поголема безбедност на улиците од кучиња. Но, на терен овие укажувања немаат големо значење бидејќи ризикот расте, наместо да се намалува низ текот на годините.
Сепак, тоа што го прават локалните институции очигледно не е доволно, бидејќи кучиња скитници сѐ уште има по градските улици.
Граѓанска одговорност
Безбедноста на радовишките граѓани е клучен проблем – но тоа, секако, не е целиот проблем. Растечкиот број улични кучиња е резултат на праксата на несовесни граѓанида ги ослободуваат домашните миленичиња – на улица.
Ова укажува на систематско потфрлање – причината зошто проблемот е толку голем е меѓу другото тоа што било потфрлено на негова превенција.
Освен фирмата избрана за заловување и хуман третман на уличните кучиња, во Радовиш за нив води грижа и Здружението Animal’s hope кои со сопствени средства се обидуваат да ги стерилизираат бездомните кучиња за тие да не можат да се размножуваат.
Од ова здружение сметаат дека најголема одговорност за зголемениот број уличните кучиња во Радовиш се самите граѓани кои не водат доволно грижа за своите миленици.
Претседателката на здружението Македонка Трпкова во неколку наврати се јавила во Општината за да понуди соработка. Понудила да се реализира јавна кампања за да се надмине проблемот со големиот број улични кучиња. Како што вели – не добила конкретен одговор.
„Со соработка помеѓу општинските власти и ние како здружение заеднички би го надминале овој проблем, бидејќи ние си ги познаваме кучињата. Сите си имаме свои реони каде што ги храниме и гледаме и точно знаеме кое куче е за стерилизација, кое куче треба да се тргне, кое напаѓа. Меѓутоа ни носат кучиња и од други места. Кога ќе донесат други кучиња од страна, обично тие напаѓаат зашто се збунети оти не се на нивен терен“.
Трпкова вели дека нивната проценка е дека не повеќе од 20% од граѓаните се информирани и имаат одговорност дека треба да си ги стерилизираат кучињата и да не ги ослободуваат на улица.
Како што тврди таа, „повеќето кучиња кои се по патиштата се домашно пуштени кучиња. Последен пат кога бев кај градоначалникот требаше заедно да правиме кампања за подигање на јавната свест, меѓутоа еве една година скоро е помината никој ме нема исконтактирано“, изјави Македонска Трпкова претседателката на здружението Animal’s hope.
Радовиш се откажа од регионално решавање на проблемот со улични кучиња
Општина Радовиш заедно со останатите општини од Југоистокот преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, пред две години формираа Регионално претпријатие за заловување и хуман третман на уличните кучиња.
Во проект на оваа иницијатива, беше изграден стационар во Струмица, а со поддршка на УНДП беа набавени и возила за заловување. Стационар се планираше и во Гевгелија. Тоа претпријатие требаше да ги покрива сите 10 општини од регионот, за што речиси сите партиципираа со свои ресурси со надеж дека ќе има заеднички и регионален пристап.
Но, минатата година, по последните локални избори, новите градоначалници на 10-те општини од Југоистокот, тврдејќи дека регионалното претпријатие нема да ги даде очекуваните резултати, одлучија секоја општина самостојно да го решава овој проблем.
Со одлука на Советот на градоначалниците од Југоистокот основачките права заедно со имотот на ова претпријатие, ѝ се префрлени на Општина Струмица, која покажа интерес да има свое Јавно претпријатие, при што општината им го плати уделот на останатите општини во Регионалното претпријатие „Астра Луна“ кое воопшто не профункционира.
На овој начин Струмица доби стационар ЈП „Лана“, но и возила за заловување кој од февруари годинава почна да функционира. Тие самостојно како општина почнаа да го решаваат проблемот со уличните кучиња.
Вршат заловување и хуман третман на кучињата кои после 30 дена престој во стационарот се враќаат од местата од каде што се заловени. Стационарот сега работи со 10 вработени кои се грижат за целиот процес, а во него има 58 кафези каде се сместуваат уличните кучиња.
„За кратко време успеавме во централното градско подрачје – веќе може да кажеме дека е екстремно намален бројот на бездомни кучиња. Не постои куче што не е хумано третирано. 90% од централното градско подрачје веќе го имаме покриено сега одиме плански во околните региони што се и мислам дека за толку краток временски период веќе е променета сликата низ улиците на Струмица“, вели Сузана Стојкова директор на ЈП „Лана“ од Струмица која најави и кампања за подигање на јавната свест и вдомување на кучиња од овој стационар.
Стојкова вели дека во стационарот имаат 12 вдомени кучиња, но и дека се трудат тој број да го зголемат собирајќи кучиња од улиците. Вели дека за еден хуман третман за едно куче во просек би биле потребни 10.000 денари.
Стојкова смета дека за решавање на овој проблем треба да се има меѓу-општинска соработка бидејки кучињата мигрираат. Според неа нема
ефект ако проблемот се реши само во една општина, а во околните не за што најави и соработка со околните општини на Струмица меѓу кои и со Радовиш.
Извор: Локал актив