Нема реагенси за авионско засејување на облаците, дефицитарни се, поради што мерката за авионско засејување на облаците која се спроведуваше од 2020 година, нема да продолжи.
Причина за отежнатото снабдување на реагенсите, според УХМР, е војната во Украина.
Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Мерката се спроведува со надлетување на небото на територија на Македонија со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирање на мраз во облаците. На јавната набавка вредна милион евра, никој не се јави.
Веднаш штом се стабилизира пазарот со реагенси, УХМР најавува дека ќе распише јавна набавка за активирање на мерката.
-Ги известувам земјоделците и пошироката јавност во Република Северна Македонија дека по три години успешно користење на мерката за авионско засејување на облаците, оваа година и покрај напорите на Управата, сепак мерката нема да продолжи. Авионското засејување на облаците беше ефикасна метода која успешно се спроведуваше од 2020 та година, со што во повеќе наврати успешно беа спречени штети од град врз земјоделските посеви низ целата територија. За жал, војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на една од компонентите која е составен дел на реагенсот, која се користи исто така и во ракетните горива. Поради тоа, ваквите реагенси се дефицитарни и тешко достапни, објаснува Управата.
УХМР уредно спровела постапка за јавна набавка, но за разлика од минатите години, овој пат на повикот не се пријавил ниту еден економски оператор.
-Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и веднаш штом пазарот со реагенси се стабилизира, повторно ќе распишеме нова јавна набавка за активирање на мерката за заштита од град по пат на авионско засејување. Во меѓувреме, преку нашата веб страница и медиумите, редовно ќе известуваме за временските услови и навреме ќе алармираме за можни временски непогоди со цел земјоделците навремено да преземат мерки за заштита, истакнува УХМР.