Христијан Пендиков, кој е нов граѓанин на Бугарија, откако вчера свечено му беше врачено бугарското државјанство во интервју за државната телевизија БНТ, рече дека се’ уште добива закани, но еден ден би се вратил во родниот Охрид.
Како што рече таму му се најблиските, пријателите, но прво би сакал да се запише на факултет за меѓународни односи и човекови права и кога ќе го заврши да се врати и да и’ помогне на Македонија да се развие, како некој млад човек кој тоа го може.
-Сакам да се вратам. Тоа е мојата земја. Таму сум роден. Охрид е мојот град во кој се сите мои спомени. Сакам да бидам таму, да живеам таму, каде што ми е презимето, каде што е се за мене. Ние сме од таму и нема да ја напуштиме Северна Македонија. Ние сме од таму. И ние сакаме оваа држава да функционира, да оди нагоре, и ако можеме некако да им помогнеме, со задоволство би помогнале“, изјави Пендиков за БНТ.
Пендиков се пожали дека македонските институции не одговориле соодветно на неговиот физички напад, бидејќи „да реагирале адекватно тој не би бил во Бугарија“, рече. Прашан за положбата на Бугарите во Македонија, рече дека се малтретирани и следени.
-Бугарите во Република Северна Македонија се малтретирани, пред се, преку самите државни органи, дали преку полицијата, преку нивните служби – им се јавуваат, ги уценуваат, некои такви работи. Второ, имаат многу такви профили – онлајн медиуми, профили кои се од непознати можеби автори, и споделуваат наши приватни фотографии, наши семејни фотографии, каде што пишуваат дека треба да не убијат, повикуваат на насилство врз нас, покажуваат некои наши лични фотографии, фотографии што ги наоѓаат на нашите Фејсбук. , Инстаграм. И цело време повикуваат на насилство врз македонските Бугари, дека сме биле некакви предавници“, рече.
Пендиков на релативно добар бугарски јазик, најави дека го очекува новото судење за нападот на 31 мај во охридскиот суд. Тој се’ уште има физичка заштита од бугарската држава, обезбеден е со стан и трошоци и е третиран како Бугарин кој е под закани.