Соништата што се повторуваат, не се типични кошмари. Тие обично имаат насока да бидат негативни, а за нивно надминување е потребен одреден напор. Имено, тие може да се појават поради различни причини – од прекумерно внесување кофеин до некои долгорочни проблеми во умот.
– Со оглед на тоа соништата обично не се повторуваат, потребно е само да го имаме истиот сон најмалку двапати, за да го наречеме повторлив… А, повторливите соништа се најверојатно поврзани со длабоките животни искуства или карактеристични логички дилеми коишто сигурно се повторуваат и кога сте будни, бидејќи тие се „дел од вас“, а не еднократен настан, објасни истражувачот на соништа, Дејрдре Берет, инаку професор по Психологија на Катедрата за психијатрија во Медицинскиот факултет при Харвард.
Соништата вообичаено се почести во детството, но може да продолжат и во зрелоста. Исто така, тие не мора да се случуваат последователно – може да се појават неколкупати месечно или дури и со разлика од неколку години.
Стручњакот за медицина на спиењето, д-р Алекс Димитриу од Универзитетот Стенфорд, вели дека сè што се повторува вреди да се истражи.
– Како психијатар, јас сум склон да велам дека има некоја порака што можеби се обидува да ви се пренесе. Одговорот можеби е да сфатиме што е тоа, истакна тој.
За некои повторливи соништа, стручњаците велат дека пораката е јасна – ако сонувате дека доцните на училиште или на работа, веројатно не сте подготвени за тие нешта. А пак други сонови, и покрај нивната вообичаеност, можеби немаат универзално значење. Тука треба да се направи малку поопсежна анализа за да се дознае повеќе.
– Кога ќе се соочите со повторлив сон, запрашајте се – која би можела да биде пораката? Каква е вашата врска со појавите или луѓето во сонот? Кои се вашите стравови, но и ставовите и верувањата за тие работи? Кои се првите пет работи во вашиот живот што може да ги активираат или се поврзани со сѐ тоа? За што навистина сте загрижени? Би било добро да се направи неформално толкување на соништата, или сами, или со блиска, доверлива личност која може да ја види состојбата од друг агол, појасни Димитриу.
Кај луѓето со посттрауматско стресно растројство или анксиозност има поголема веројатност да имаат повторлив сон, особено со вознемирувачка природа. Соновите по растројства произлегуваат од потешка траума што постојано се враќа како кошмар.
– Мозокот се обидува да среди нешто и да го стави во мирување, додаде Димитриу.
Повторливите соништа некогаш може да бидат резултат на состојбата на телото и тоа има „активатори“ во околината, како што е некаков звук од улица или, на пр. од чешма што протекува ии капе – сѐ тоа може да предизвика соништа со слики од тие одредени нешта и појави.
Лошите работи навечер се случуваат и кога луѓето се ненаспани, предоцна пијат кафе или алкохол, работат предоцна или спијат само четири часа. Исто така, повторливите соништа може да бидат резултат на лоша хигиена во спиењето. Според познавачите, човекот ќе има подобар увид во своите грижи, ако пишува за нив пред спиење. Тоа може да биде корисно за ублажување на негативните повторливи соништа и општо – за стресот.