Полицијата го лиши од слобода Б.Д.(18) од Штип, откако од неговиот Инстаграм профил упати заканувачка порака: “За некој последна матурска, а за некој последен ден, ќе донесам пушка и ќе ги повторам случувањата во Србија”, напишал. Претходно, во гимназијата „Славчо Стојменски“- Штип, каде учи, полицијата изврши разговор со него, родителите и стручните служби.
Денеска (11.05.2023) полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.Д.(18) од Штип, бидејќи во 12.18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти СЦР Штип.
Како што веќе информиравме, директорот Марјан Арсов потврди дека ученикот вчера објавил порака со заканувачка содржина, по што биле повикани целата служба, родителите, ученикот. Тој ги повикува родителите да ги пуштат децата на училиште. Според директорот Арсов, најверојатно се работи за невкусна шега.