Трошоците за патувањето на моите деца не се на товар на државниот буџет – изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски откако новинарите го прашаа кој ги платил трошоците за патувањето во САД на неговата сопруга и децата.
-Мојата сопруга ме придружува на патувањата за кои има покана, каков што беше случајот со посетата на САД, односно според протоколот и поканата – истакна премиерот.
На прашањето зошто на патувањето ги понел и неговите деца и дали ќе ги покаже сметките, за тоа како е платено нивното патување, Ковачевски додаде:
„Моите деца патуваат исто како и другите деца. И доколку е потребно јас за секое нивно патување или кога посетуваат нивни роднини, или на пример мојот син, игра фудбал и често оди во странство, доколку треба да ѝ доставам на јавноста сметки, тоа ќе го правам, но сметам дека е непотребно, со оглед дека како и сите други граѓани во држвата секој има право да патува“.
Претходно, Ковачевски се осврна на важноста на оваа посета на САД, кое го оцени како исклучително важно и успешно, набројувајќи ги средбите не само високите американски државници, туку и со нашинците кои живеат во САД.