Комеморацијата за учениците кои го загубија животот во инцидентот во ОУ „Владислав Рибникар“, а која требаше да се одржи во Собранието на град Белград денеска, е одложена.
Родителите на децата од ова училиште до државата испратија седум барања, јави дописникот на агенцијата МИА од Белград.
Рокот за одговор на државата и надлежните органи е една недела. Целиот Совет на родители на ова училиште застана зад нивните барања.
1. Бараме реконструкција на настанот, објаснување како се случил, како тече истрагата и во која фаза е.
2. Професионално да им се објасни на родителите што ќе биде со детето убиец и каков е статусот на неговите родители, бидејќи кај децата постои голем страв дека ќе биде пуштен на слобода.
3. Тим од надворешни психолози и психијатри кои редовно ќе работат со учениците од VII/2 одделение без учество на училишниот педагог и психолог, заради обезбедување непристрасност. Родителите мора писмено да бидат информирани за програмата, како ќе работат со децата и да им бидат доставени биографиите на сите професионалци вклучени во програмата.
4. Доколку се одлучи учебната година да се продолжи за VII/2 час, мора да се најде начин да не влегуваат во училиштето преку главниот влез и да имаат настава во една од училниците на малиот излез.
5. Бараме целосно реновирање на училиштето од 1 септември.
6. Даваме целосна поддршка на целиот наставен кадар.
7. Бараме да се утврди целосната одговорност на лицата кои го објавија списокот со имињата од VII/2 одделение кој го обиколи светот, како и сликите на децата и родителите и за тоа да бидат санкционирани.
-Овој допис е испратен до МВР, до обвинителството и до сите други надлежни органи. Бараме само да не молчат и да бидеме информирани што се случува по овие прашања, се наведува во барањето на родителите.